Нова година! Што, всушност, празнуваме на 31 декември/1 јануари? И што значи тоа граѓанска, односно секуларна Нова година?

Тоа е моментот кога сите ние, сиот свет влегува во следното новолетие, т. е. започнува Новата година. Зборуваме за граѓанско празнување, не за црковно. Па и таканаречената Василица, 1 јануари, Нова година по јулијанскиот календар, чиешто предание е поврзано со Св. Василиј Велики (бидејќи на истиот ден се празнува овој светец), заедно со Обрезанието Господово, меѓу народот е позната и како Стара Нова година, но во самата богослужба на празникот нема никакви сведоштва и молитви во однос на Новата година. Тоа, пак, ни докажува дека кај православните народи Новата година не се празнувала на 1 јануари.

Но доколку Црквата го одбележува и одобрува граѓанското новолетие, тоа го прави поради фактот што таа постои во општеството и секое општествено прославување ги опфаќа нејзините верни членови.

За оние кои не знаат, а веројатно поголемиот дел од нашиот народ воопшто не знае, и Црквата си има свое празнување на Новата година, но тоа се случува во сосема поинаква атмосфера и на сосема друг датум. А тој датум е 1/14 септември.

Уште во древноста, мeсeцoт сeптeмври кај Eврeитe бил пoчeтoк на нoвата граѓанска гoдина (II Мoј. 23, 16). Тоа бил мeсeц на собирањe плoдoви и принeсувањe жртви на благoдарнoст кон Бoга. За врeмe на oва празнувањe Гoспoд Исус влeгoл вo синагoгата вo Назарeт, ја oтвoрил книгата на прoрoкoт Исаија и ги прoчитал збoрoвитe: „Духoт на Гoспoда Бoга e врз Мeнe заштo Гoспoд Мe пoмаза за да им благoвeстувам на бeднитe, Мe испрати да лeкувам сoкрушeни пo срцe, да им прoпoвeдам на зарoбeнитe и на затвoрeницитe – oтвoрањe на тeмницата, да ја прoпoвeдам благoпријатната Гoспoдoва гoдина и дeнoт за oдмазда на нашиoт Бoг; да ги утeшам ситe oниe штo тагуваат” (Иса. 61, 1-2).

Подоцна, пак, за време на царот Диоклецијан, за секоја нова година се користел зборот индикт. Овој збор – индикт (или indiction = објава), првично значел годишен данок во производи, којшто бил воведен токму од страна на овој цар. Големината на данокот се определувала врз основа на пописот на населението којшто се спроведувал секои 15 години. Индикт се нарекувал како самиот 15 годишен временски интервал, така и секоја година во неговите рамки. Почетокот на годината се паѓал на 1 септември, кога се собирал родот и се плаќал данокот.

Подоцна, Првиот всeлeнски сoбoр oпрeдeлил и цркoвната гoдина да пoчнува на 1 сeптeмври. Важно е да се одбележи и дека IV век бил златен период на Црквата. Тогаш престанале мачеништвата, христијаните можеле слободно да ги практикуваат своите богослуженија, но Црквата не можела да ги заборави храбрите подвизи на мачениците за верата. Верниот народ чувствувал огромна потреба да ги сочува овие спомени, заради што во овој период започнал да се составува црковниот календар. Во спомен на мачениците претходната историска епоха била наречена „Ера на Диоклецијан” или „Ера на мачениците”.

Дoлгo врeмe вo христијанскиoт свeт и граѓанската, и цркoвната гoдина биле одбележувани на 1 септември. Подоцна граѓанската Нова година била пренесена на 1 јануари, и тоа најпрвин на Запад, во Европа. Историските факти зборуваат за можни причини поради кои Западниот свет ја преместил традицијата на празнување на Нова година од 1 септември на 1 јануари. Оваа традиција била поврзана со римскиот пагански свет. Имено, според јулијанскиот календар за почеток на Новата година бил сметан 1 ден од месец јануари. Во време на римското паганско општество, Римјаните го славеле богот Јанус (според кој е добиено и името на месецот јануари) и главниот ден Saturnalia, а исто така од времето на царевите и почетокот на Новата година. Овој ден паганите го поминувале со особена свеченост и веселие. Пријателите едни на други си испраќале подароци, кои ги нарекувале Strenae, а во чест на богот Strena или Strenie, приредувале гозби, ноќите ги поминувале во песни, игри и театарски претстави. Ваквите забави траеле повеќе денови. Со ослободувањето на христијанството и воспоставувањето на неговите традиции, биле забранети сите учества на овие пагански собири. Во VII век, со доаѓањето на паганите од Фландрија и Холандија, повторно се направиле обиди да се воспостави традицијата на ваков начин да се прославува Новата година на 1 јануари. Но повторно за кратко време била потисната, за во 1582 година, кога бил воведен григоријанскиот календар, Западот конечно да донесе одлука почетокот на Новата година да го одбележува на 1 јануари.

На Истокот, пак, ситуацијата била поинаква. Во Русија, сѐ до времето на владеење на царот Петар Велики, и црковниот и граѓанскиот календар започнувале на 1 септември. Поведен од својот интерес за западниот начин на живот, Петар тргнал на пат за Европа со намера што подобро да се запознае со обичаите на западните земји, а со цел да ги примени во својата, според него, „заостаната” земја. Така, Петар прифатил Новата година да се слави на 1 јануари. Нова година бил световен празник и на славење се пристапувало после Рождеството Христово, кое до револуцијата од 1917 година се паѓало на 25 декември. Со револуцијата била спроведена уште една календарска реформа: наместо јулијанскиот бил прифатен григоријанскиот календар (нов стил), така што празнувањето на Новата година почнало да се паѓа непосредно пред Божик, кој со оваа реформа започнал да се слави на 7 јануари. Затоа кај луѓето коишто ја пазеле духовната традиција се појавила недоумица: Како да се празнува Новата година и дали воопшто да се празнува? Одговорот на ова прашање е веќе друга тема.

Кога сме кај календарите, добро е да појасниме дека денес постојат два: еден древен, таканаречениот јулијански календар, кој бил изработен во 46 г. пред Христа од страна на александрискиот астроном Созиген, а на иницијатива на римскиот владетел Гај Јулиј Цезар, според кого и го добил името. Овој календар бил прифатен од страна на Црквата во IV век со извесни измени. Но, јулијанскиот календар не е сосема точен: тој се разликува за 11 минути и 14 секунди од вистинската сончева (тропска) година. Оваа разлика за 400 години се искачила на 3 дена, 2 часа, 53 минути и 20 секунди, а пак, во 1700 година изнесувала цели 10 дена. Денес таа изнесува 13 дена.

Подоцнежниот календар е григоријанскиот, изработен по указ на папата Григориј кон крајот на XVI век. Имено, веќе во средниот век, тогашните научници ја воочиле неправилноста на јулијанскиот календар. Па така, на иницијатива на споменатиот папа, во 1576 година била формирана посебна комисија од астрономи и математичари која имала за цел да спроведе реформа на јулијанскиот календар. Во врска со ова комисијата предложила и конкретни мерки за реформа на календарот. Тие биле прифатени од страна на папата на 24 февруари 1582 година со издавање посебна папска була со споменатите мерки. Тогаш, меѓу другото, било утврдено секоја година пролетната рамнодневница да биде фиксирана на 21 март. Понатаму, со цел да се изедначи дотогашната разлика меѓу јулијанската и реалната (тропска) година, која во 1582 година изнесувала 10 дена, со папската була било решено, во таа година 5 октомври да се смета како 15 октомври.

Овој календар стана примарен во католичка Европа. Потоа, од практични причини постепено почнаа да го примаат и другите народи, и денес се користи на глобално ниво.

За жал, од иста причина, сите празници веќе одамна се преведени на григоријанскиот календар. Малкумина од новите генерации знаат дека 14 јануари, познат по така нареченото празнување на Стара Нова година, е всушност 1 јануари (овој датум може да се воочи и во самата богослужба), токму поради тие 13 вишок денови кои григоријанскиот календар ги избришал од годината. Многу често во православниот свет се прави една грешка поради неупатеност и незнаење. Имено, Обрезанието Господово кое се празнува на 14 јануари заедно со оддавањето почит на Св. Василиј Велики, се смета за почеток на новата црковна година (Василица). Кога би се вратиле назад 13 дена, односно оние денови кои реформите на календарот ги избришал, тогаш овој празник би се паднал на 1 јануари и би се поклопил со датумот на граѓанската Нова година, со која Црквата и нема баш некоја врска. Но бидејќи Црквата постои и опстојува во општеството, а не надвор од него, таа ја почитува важноста на граѓанската Нова година, за која повторно ќе нагласиме дека е е, и не може да биде црковен или христијански празник.

Црквата ја празнува својата Нова година, но на друг датум и во сосема поинаква атмосфера. Радосна атмосфера, ама духовна и торжествена радост. За христијанинот Новата година е празник кој според црковниот термин се одбележува на 1/14 септември. И тогаш не се практикуваат забави. Секоја Нова година започнува со возгласот: „Благословено е Царството на Отецот, и Синот, и Светиот дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин”. Тој празник постои во нашиот месецослов и се нарекува Почеток на Новото лето.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.