Министерството за внатрешни работи денеска објави јавен оглас за засновање на работен однос на 600 извршители на работно место полицаец, согласно своите организациски потреби, како и согласно одредбите од законите за внатрешни работи и за полиција, и соодветните подзаконски акти.
Имено, за работната позиција полицаец во Секторот за внатрешни работи Скопје се бараат 300 извршители, во Секторот за внатрешни работи Охрид се отворени места за 100 извршители, прием за 30 извршители е овозможен во Секторот за внатрешни работи Тетово, по 20 во секторите за внатрешни работи во Струмица, Куманово, Штип, во Одделот за заштита на определени личности и објекти, како и во Регионалните центри за гранични работи Север и Запад. По 15 извршители се бараат во секторите за внатрешни работи Битола и Велес, а по 10 извршители во регионалните центри за гранични работи Исток и Југ.
Покрај општите услови наведени во огласот, кандидатите треба да исполнуваат и посебните услови, и тоа потребна телесна висина од најмалку 175 см (мажи), 165 см (жени) и висока лична физичка подготвеност, а во потребната документација како доказ за исполнување на потребните услови за работното место се извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно средно образование и две фотографии (3,5 см х 4,5 см), како и своерачно потпишана изјава со која потврдува дека истиот не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.
По спроведената постапка за селекција, која опфаќа административна селекција на поднесената документација, проверка на моторички способности (за мажи: најмалку 9 „склекови“ во интервал од 10 секунди, најмалку 16 „стомачни подигања“ во интервал од 30 секунди, „скок во далечина од место“ со минимална должина на скокот од 220см, „спринт на 20 метри“ за најмалку 3,35 секунди, „спринт на 100 метри“ за најмалку 15 секунди и „трчање на 1500 метри“ за најмалку 5,25 минути и за жени: најмалку 6 „склекови“ во интервал од 10 секунди, најмалку 12 „стомачни подигања“ во интервал од 30 секунди, „скок во далечина од место“ со минимална должина на скокот од 160см, „спринт на 20 метри“ за најмалку 3,50 секунди, „спринт на 100 метри“ за најмалку 18 секунди и „трчање на 800 метри“ за најмалку 3 минути, и други физички проверки определени од страна на Комисијата), потоа тест за интегритет и психолошки тест, општо-образовен тест, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи.
Избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на неа се упатуваат за 10 проценти поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати.
Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 дена, сметано од наредниот ден од денот на објавување на јавниот оглас, не сметајќи го денот на самото објавување. Ненавремената и непотполна документација нема да се разгледува.
Кандидатите се охрабруваат да ја посетат веб страната на Министерството за внатрешни работи www.mvr.gov.mk, од каде можат да добијат информации за функциите, надлежноста и делокругот на работа на Министерството за внатрешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.