Европската политичка заедница, за која се залага францускиот претседател Емануел Макрон, би била отворена за европските држави кои споделуваат заеднички демократски вредности, без разлика дали се членки на Унијата или не, и нема да биде замена за проширувањето или проширувањето ниту за паневропските организации и процесите на соработка, се наведува во неофицијален француски документ, во чија содржина увид имала агенцијата Бета, пренесуваат српските медиуми денеска.

Европската политичка заедница, како што е предложено, објавува Данас, би имала форма на лесна правна структура која одлучува, истовремено почитувајќи ја автономијата на одлучување на ЕУ и секоја земја членка и би се состанувала неколкупати годишно на ниво на шефови на држави или влади.

Тоа не би била алтернатива за членството во ЕУ ниту, пак, замена за процесот на проширување, туку напротив, затоа што ќе им овозможи на европските земји кои сакаат да се приклучат на Унијата да ги зајакнат врските со земјите членки на ЕУ пред пристапот, се појаснува во францускиот предлог на кој се повикува Бета.

Европската политичка заедница ќе ги зајакне политичките, економските, културните и безбедносните врски меѓу нејзините членки и ова ќе биде форум за координација, донесување одлуки и проекти за соработка за да се одговори на конкретен начин на предизвиците со кои се соочуваат сите земји на европскиот континент: надворешни прашања и безбедносни политики, климатски промени и снабдување со енергија и други суровини, безбедност на храна, развој на инфраструктура и меѓусебно поврзување, мобилност, миграција, борба против организираниот криминал, односи со други геополитички актери.

Во текстот се наведува и дека заедницата нема да биде замена за Советот на Европа, ОБСЕ или трансатлантските односи.

Причината за нејзиното воспоставување е што политиката на проширување на ЕУ, поради барањата за реформи неопходни за пристапување во ЕУ и неопходното времетраење на процесот, денес не ја нуди потребната политичка рамка која би можела да одговори на итните историски и геополитички потреби и да развие политичко структуирање на европскиот континент. Затоа предлагаме оваа година да се создаде европска политичка заедница меѓу сите европски земји кои сакаат заеднички да придонесат за безбедноста, стабилноста и просперитетот на континентот, се наведува во францускиот документ што го пренесуваат српските медиуми.

Таа заедница би била отворена за европските држави кои споделуваат заеднички збир на демократски вредности, без разлика дали се членки на Унијата или не и без оглед на природата на нивните сегашни односи со Европската Унија.

За францускиот предлог за формирање европска политичка заедница треба да се расправа на Европскиот совет на 23 и 24 јуни, кога на дневен ред ќе се најдат барањата за членство на Украина, Молдавија и Грузија во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.