Здружението за заштита на животната средина „Спас за Маврово“ смета дека буџетот на Општината Маврово-Ростуше е донесен поред политичките потреби, а не реалните проблеми.
Советот на Општината Маврово Ростушего усвои буџетот за 2024 година во кој предност се дава на уредување на улици со бекатон и реконструкција на улица и паркинг во село Скудриње и реконструкција на улица и изградба на паркинг село Ростуше, а не на решавање на проблемот со водата за пиење во викенд населбата Леуново и другите населени места околу Мавровското Езеро, велат од Здружението.
Оттаму додаваат дека за улица и паркинг во село Скудриње се планирани 353 000 евра, за улица и паркинг во село Ростуше 100 000 евра, а за реконструкција на водоводната мрежа во населба Леуново, каде што состојбата, како што нагласуваат, е алармантна само 33 000 евра.
И според природните закони, а и според Законот за локална самоуправа приоритет треба да биде водата. Но, тоа не е за актуелното раководство на општината. Нивните приоритети, сега пред избори се придобивање на гласачи, а не решавање на горливите проблеми.
Ова континуирано запоставување на мавровскиот регион започна со спојувањето на Општината Маврово кон Општината Ростуше, а со тоа се уништува Маврово како туристички центар. Од градоначалникот Медат Куртовски бараме, барем пред крајот на својот мандат да почне да ги решава акутните проблеми на жителите во Општината Маврово Ростуше, а не да ја крои својата секојдневна работа според нечии бизнис и политички интереси, се вели во соопштението од Здружението за заштита на животната средина „Спас за Маврово“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.