Бањатите борци против говорот на омраза (и навреди) имаат две ваги за мерење на тежината на зборовите.
Една е кога се пука по бањати и тогаш мери говор на омраза и навреди, а другата кога се траскаат зелени по небањати. И во вториов случај вагата мери новинарска доблест и за тоа може да се очекуваат награди од ЕУ, како и други меѓународни.
Прецизност на вагата за мерење на зборовите, што носат омраза и навредуваат, особено е потребна кога се насочени од новинар кон новинар, колеги кон колеги, и особено она на што Македонија како поднебје е најосетлива – етничка страна на гаѓачот и гаѓаниот или гаѓаните ако станува збор за новинарски рафал.
Денеска имаме два примери за бањати и небањати новинари во Македонија. Едниот, бањат во случајов, е новинар Албанец, се вика Фуркан Салиу. А вториот за кој Фуркан тврди дека е набањат е спортскиот коментатор на МТВ, Тони Стојановски.
Прво еве ги боевите зборови од редовно бањатиот Фуркан упатени кон неговиот „небањат“ колега Стојановски:
– Луѓе како овој небањатиов, еден спортски бренд како Вардар го искористија, го злоупотребија и на крај го уништија. 20 години спортски новинар, неговите дома не знаат дека е новинар, па мора да меша политика, спорт, национализам за некој да му обрне внимание.
Зошто ова го дозволува Вардар, како клуб, и МТВ како институција, не знам. Ама едно знам, политика го уништи Вардар. Национализмот го уништи Вардар. Среќен роденден Вардаре, се надевам дека еден ден ќе вратиш многу посилен во Првата лига, но како спортски клуб кој обединува, а не како клуб на одредена група луѓе, објави Фуркан на својот профил на Фејсбук за својот колега…
Вториот пример за бањати и небањати се однесува на Зоран Иванов, бивш новинар, бивш портпарол на Владата (на СДСМ), бивш директор на државна агенција и актуелен поддржувач на политиките на СДСМ и чест гостин во домовите на илјадници граѓани како дебатер со опоненти во ТВ емисии.
Иванов во дебата на Фејсбук со говор на љубов, што е спротивно нели на говорот на омраза, побарал јавна бесилка во препукување со новинарите од ТВ Алфа Драган Милосављевиќ и Горан Момироски.
Иванов во постот пишува дека едвај чека да ја види бесилката и тоа јавно. Не пишува дали на плоштадот Македонија, каде што не одговара сценаографијата со Воинот на коњ во позадина, или пак на некое плоштадче во помалите градчиња, на пример, во источна Македонија близу границата со Бугарија.
Тргнете ја шегата на страна додека не ја тргнал ѓаволот. Бањајте се редовно, но менувајте ја водата. Оти бањање во истата вода е поштетно и поопасно отколку нередовното туширање.
И, одвреме на време, дајте ги на баждарење вистиномерите и вагите со кои ја мерите тежината на јавниот збор и тежината на говорот на омраза и навреди. И Фуркан да не се секира, него го знае цел свет, а Тони уште се докажува во семејството и го знаеле чат-пат комшиите.
Бањати напред, другите стој!
Димитар Грумар (небањат)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.