Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан упати честитка до Христијан Мицкоски за изборот за претседател на Владата посакувајќи му успешен и плодотворен мандат на, како што истакнува, исклучително одговорната должност.
Почитувајќи ја волјата на мнозинството граѓани на последните собраниски избори во Македонија, кои во Вашата програма препознаа можност за напредок на државата, дозволете ми од Свое, како и од името на архијереите, свештенството, монаштвото и верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, да Ви го честитаме изборот за Претседател на Владата на Македонија. Имајќи ги предвид времето и приликите во кои живееме, Ви посакуваме од Господа успешен и плодотворен мандат на исклучително одговорната должност како Претседател на македонската Влада. Секоја власт е од Бога, поучува светиот апостол Павле (Рим. 13, 1), па Нашите молитви се упатени кон Него, за Вам и на Вашите соработници да Ви дарува добро здравје, потребно трпение и многу мудрост за успешно извршување на должностите, преку богоугодни и родољубиви дела, пишува во честитката.
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, која вековно ги негува духовните и општествените полезни вредности, наведува поглаварот г.г. Стефан, очекува соработка со институциите на новата Влада во рамките на уставните и законските можности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.