Државната комисија за спречување на корупција ги повикува избраните функционери, да ги почитуваат начелата, обврските и забраните утврдени во Уставот на Република Македонија, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Законот за пратеници, Законот за собранието и Изборниот Законик.
Преку соопштение по завршување на изборите за пратеници во Собранието на Македонија, ДКСК потсети на неколку уставни начела како што се неспојливоста на функцијата претседател на Владата и министер со вршење на други јавни функции или професии.
Оттаму, тие потсетуваат на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со кој тие имаат обврска да го почитуваат начелото на интегритет, односно обврската при вршењето на функцијата да внимаваат на евентуален судир на интереси, а при извршувањето на јавните овластувања и должности не смеат да се раководат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице.
ДКСК потсетува дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.
– Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга, велат оттаму.
Дополнувајќи дека на избраните и именуваните лица, чии функции се извршуваат професионално, работниот однос им мирува согласно со закон.
Тие потсетија и на Законот за пратениците на Македонија, според кој функцијата пратеник е неспоива со функцијата претседател, претседател на Владата, министер, судија на Уставниот суд, судија, народен правобранител, јавен обвинител и други носители на функции кои ги избира и именува Собранието и Владата на Македонија, со член на совет на општина и градоначалник на општина, односно градот Скопје и вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа.
Во врска со Законот за Собранието, оттаму нагласија дека функцијата пратеник е неспоива со вршење на други јавни функции или професии, утврдени со закон.
Од Изборниот законик, посочуваат дека функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспоива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието и Владата на Македонија.
– Имајќи ги предвид сите погорецитирани закони, Државната комисија укажува дека Уставот и законите на Македонија треба подеднакво да важат за сите граѓани на државата, вклучувајќи ги и актуелните, но и претходните функционери, поради што се повикуваат лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата за законитост и интегритет, стои во соопштението од ДКСК.
Оттаму дополнуваат дека непочитувањето на сите горенаведени обврски и забрани повлекува последица за престанок на мандатот на избраните функционери, согласно член 6 став 1 точка 3 од Законот за собранието, член 8 став 1, точка 3 од Законот за пратениците и член 152 став 1, алинеја 3 од Изборниот законик. Воедно, истото претставува прекршок за кој согласно член 105 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се изрекува одредена прекршочна санкција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.