Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за новоназначениот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски.

Според претседателката на ДКСК Татјана Димитровска предметот е отворен по анонимна претставка, која е во врска со условите за поставување на директор на АНБ. Подносителот ја оспорува можноста Христовски да биде директор на тајната служба.

Владата го назначи Бојан Христовски за нов директор на АНБ минатата недела и оттогаш не пресрануваат препукувањата помеѓу власта и опозицијата за партизирање на тајните безбедносни служби.

Христовски до лани бил партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа бил вратен на работа во Министерството за внатрешни работи, по што се отчленил од партијата. Тој во медиумски настап потврди дека нема безбедносен сертификат „државна тајна“, а има сертификат „строго доверливо“. Рече дека по преземањето на функцијата ја почнал постапка да го добие и сертификатот „државна тајна“. Во 2019 година водел постапка, но таков сертификат не му бил одобрен, што Христовски го гледа како политичка пресметка со него од страна на претходната власт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.