Од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ не е задоволни тоа што од Агенцијата за храна и ветеринарство не започнала постапка за одземање на домашен миленик од жител на Велес, кој пред две недели е снимен како го удира сопственото куче. Од АХВ му наложиле на велешанецот само да го вакцинира кучето и да го микрочипира. Случајот е пријавен и во МВР, но засега нема одговор од полицијата.

– По илјадити пат јавноста сведочи на изживување врз животно и по илјадити пат институциите докажуваат неспособност, слепи и глуви пред очигледно мачење на куче. И овој пат во оваа бесправна држава кучето на приложената снимка остана во рацете на садист кој одбива да го предаде, сака да го тепа а официјалните ветеринари и полициските службеници станаа негови помошници, соучесници занемарувајќи ја константната тортура и болка на животното одлучуваат дека истото ќе остане кај него и го задолжуваат да го чипира и вакцинира што подразбира да стане негов законски сопственик, велат од „Анима мунди“.

Според здружението, лицето кое тепа куче е охрабрено од институциите да продолжи со изживувањето врз кучето.

– Институциите одлучија постапката да заврши со едукација. Треба да го микрочипира, вакцинира а тоа што е чувано во импровизирани услови со видлив деформитет на задни нозе од живот на ланец и повремено тепан очигледно не ги засега оние што треба да го заштитат животното и имплементираат законот, реагираат од „Анима мунди“.

Оттаму, прашуваат до кога ќе се замижува пред секојдневните случаи на неодговорност, мачење и малтретирање па и убивање на животни.

– Бараме од Министерството за внатрешни работи да извести јавен обвинител и да се поведе кривична постапка за мачење и малтретирање на животното. Бараме од Агенцијата за храна и ветеринарство да престане со префрлање на одговорност, да направи исклучок и покаже способност за работа како што и доликува на една европска држава и да пристапи кон одземање на кучето од сопственикот, нагласуваат од здружението



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.