Андреј Петров од СДСМ во денешното гостување на Сител телевизија рече дека го изел срам што денес никој од пратениците на СДСМ не зел збор на седницата на Собранието.

За жал, малку и срам ме изеде заради однесувањето на СДСМ на таа седница бидејќи никој не стана да каже ништо, а веројатно требаше да им каже на новите коалициони партнери во власта дека сега може да биде Претседател на Собрание, што не го спорам, човек што има два пратеници во Собранието и што не е од македонска етничка група, што исто така не е спорно, но до пред извесен момент беше спорно за тогашната опозиција. Никој од тамошните пратеници од СДСМ не смогна сила да каже и тоа да ви кажам кај мене предизвика чувство на срам, рече Петров.

Според него, едно е да бидете конструктивни, и треба да биде опозицијата конструктивна, затоа што државата е пред партиите и треба заеднички да ја градиме.

Ама работата на пратеник во Парламентот е да зборува на говорница. Ако некој нема намера да зборува на говорница наместо да поднесува оставки од партиските органи, да си поднесе оставка од пратеничкиот мандат. Тоа е мојата порака до сите оние што наоѓаат причина зошто не би требале да зборуваат. Точно дека на конститутивна седница треба да се има респект и спема чинот и спрема изборот на Претседател на Собрание, меѓутоа барем еден човек или двајца да ги кажат овие забелешки што ви ги кажав на почетокот и ред други работи. Демократскиот амбиент тоа иманентно го бара, тоа не е место каде што треба да седат ќутолози, истакна Петров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.