Има една чудна ситуација која се случува, иако со распишувањето на изборите е стопирана. Во декември во 2023 година Владата носи одлука за трансформација на договорите на определено време во неопределено вработување, а МИОА по брза постапка од 3-7 дена треба да даде согласност. И тука почнува една трка во институциите побрзо да вработат луѓе. Некои постапки и се завршени, но некои се стопирани поради изборите но им се ветува на тие луѓе дека ќе бидат примени по изборите што е класичен предизборен поткуп. Таа информација на Владата за трансформација на вработувања е незаконска. Владата требала да поднесе таков закон за овие 2.700 работни места во Собрание и така да се изгласа. Сега тие луѓе се во неизвесност и создава немир кај луѓето, вели Стефан Андоновски, заменик министер за информатичко општество и администрација во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Ова е хроничен проблем и било пракса и порано. Но затоа е воведен чл. 8а од Изборниот законик кој го спречува тоа. За здравствените работници ќе беше добро да се донесе закон за трансформација на работните места, но станува збор за малку вработувања во здравството. На пример, 300 вработувања се во Македонски шуми. Од друга страна, ова е направено со оглас на кој можел да се јави кој било, па имаме ситуации кога се примени лица кои воопшто не ни работеле на договор во некоја институција и му го зеле местото на оној кој работел на договор на дело, вели Андоновски.
Андоновски вели дека со донесување на забрана за ангажман на договор за дело се оневозможуваат менаџерите да функционираат. Од друга стра, вели тој, трајните вработувања значат дека нема можност некој кој не работи да му биде прекинат работниот однос, а оној кој работи добро нема можност да се награди. Затоа, вели Андоновски потребна е вистинска реформа на јавната администрација која ќе значи флексибилен и функционален систем и задоволни вработени.
Сега имаме околу 130 илјади луѓе во јавната администрација, но има луѓе кои се иселуваат па се намалува бројот. Ние реформата ја гледаме во смисла на укинување или спојување на одредени административни институции за да бидат функционални. Размислуваме да воведеме систем секој вработен да си го најде местото каде што му одговара да работи. Но, мора да се најде решение за прекинување на договорите на луѓе кои ништо не работат. За жал во администрацијата недостасуваат ИТ кадар, правници, архитекти. Тие луѓе нема да дојдат да работат од приватниот сектор од платите таму им се поголеми. Затоа треба да се најдат решенија со обука на лица од администрацијата и за сметка на тоа ќе остане да работи во администрацијата, вели Андоновски.
Тој додава дека нема превработеност во администрацијата, но перцепцијата е таква затоа што граѓаните се соочуваат со ситуации кога не можат да си ја завршат работата и тоа е легитимно чувство оти е така.
Граѓаните се научија да живеат со апсурдите наместо државата да ги решава апсурдите. Таков е примерот со балансерот кога Македонци се пишуваат дека се нешто друго. Ние планираме да го укинеме балансерот затоа што е заснован врз погрешна основа, односно во него се бројат и оние лица кои се иселени од државата. Ние треба да ги гледаме уловите дали се исполнуваат, па потоа да се гледа дали ако се вработи Македонец ќе се наруши балансот. Инаку има министерства и институции каде поголемиот дел од вработените всушност се Албанци, вели Андоновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.