Активната блокада во Собрание е многу значајна за нас затоа што ги блокираме сите штетни политики кои власта сака да ги преземе и тука се закони и некои кадровски решенија кои владата ги турка низ Собранието. Владата најмногу ќе сакаше да одиме со напуштање на Собранието, тогаш во еден ден ќе поминеа сите закони кои им се значајни првенствено на ДУИ, а потоа второстепено и на СДСМ, и затоа ние сме во Собрание да го блокираме таквите работи, изјави Стефан Андоновски секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Македонско радио.

Андоновски посочи дека такви штетни закони кои власта сака да ги протурка се олеснување на производството на марихуана, олеснување на влегувањето на нов коцкарски бизнис во Македонија, потоа вдомување на политички подобни кадри во судството и се на се тоа ќе биде релаксирање на економската можност за правење криминал, наместо за странски инвестиции.

Затоа се одлучивме на ваква блокада внатре во Собрание да ги блокираме процесите кои се штетни, а истовремено да се даде простор и за позитивни работи. Треба да се забележи дека власта нема предложено 300 закони, оваа влада е неспособна и е заинтересирана за чисто партиски интереси и имаат предложено само 30-тина измени на закони, од кои многу малку се во интерес на граѓаните, посочи Андоновски.

Тој истакна дека за разлика од власта, ВМРО-ДПМНЕ предложува измени на закони од интерес на граѓаните како што е намалената акциза за гориво, намалување на ДДВ на основните прехранбени продукти, мерки за справување со кризата, помош на вработените во АРМ.

Владата е пасивна особено кога се работни за нивните партиски интереси и на брза трака сакаат да поминат уставни судии, наместо да се дискутира за тоа, да ги одбранат биографиите, сакаат на брза лента тоа да го поминат и ние нема тоа да го дозволиме, рече Андоновски.

Во врска со најавениот протест за 18 јуни, Андоновски потенцираше дека она што ќе биде порака од ВМРО-ДПМНЕ е да се прекинат овие процеси на уназадување на државата и дека време е за промени.

Покажавме во општините дека можни се промени и потребни се промени во целата држава. Се надеваме на масовност на тој настан, на громогласен одек од граѓаните дека време е за сериозни промени, за да направиме промени за иднината, затоа што вака со овие кризи кои ги живееме, нема светла иднина и сакаме тоа да го спречиме. Сега е шансата тоа да го направиме, истакна Андоновски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.