Владеењето на правото е основа за сите демократски институции, за економскиот просперитет и најважно за безбедноста.Тоа е основен фактор што гарантира дека се исполнуваат потребите на граѓаните. Со нашите програми и канцеларии тука се трудиме да ја поддржиме владината агенда за примена на владеењето на правото, особено напорите за гаранција на независноста и функционалноста на судството.

Ова го истакна вечерва амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз во интервју за ТВ21. Според неа, демократските реформи и примената на владеење на правото се нешто што бара многу труд, смелост и енергија, за на крајот да се успее и да се искорени корупцијата и втемелениот кронизам кои го спречуваат напредокот и да се решат дел од темелните проблеми со кои Владата мора да се справи.

-Сметам дека не постои само една пречка за напредокот, туку дека системот е отворен и ранлив на повеќе места. За да бидете успешни, мора да се нападне секое ниво на институционалните структури и на системот. Тоа значи дека е потребна комбинација на промовирање на транспарентност, да им се прикаже на граѓаните и на гласачите што всушност се случува. Македонија има потреба од систем на одговорност. Ова се однесува на структурата на судството, но и на личностите кои се на одредена функција. Тие личности мора да бидат квалификувани за нивните позиции и мора да сносат одговорност за работата на тие позиции, вели амбасадорката.

Таа посочи дека итно мора да се завршат случаите покренати од поранешното Специјално јавно обвинителство, да се обработат во системот и да се види правда во тие случаи.

-Сметам дека искуството и особено тоа што уште има случаи од поранешното СЈО кои се во системот, покажува дека луѓето сакаат правда. Сакаат случаите да поминат низ системот, да бидат обработени од способни професионалци, без политичко мешање и со конечно решение со кое ќе се одреди одговорноста за криминалот што ќе се докаже дека бил извршен, вели Брнз.

Амбасадорката на САД, посочи дека „треба да се одреди каде постои корупција и потоа да се справиме со неа“. Според Брнз, во секоја држава мора да постои национално решение, но постојат и начини за соработка како можност да се внесат најдобрите пракси и заедничката експертиза кои, вели, ќе ни помогнат да се поддржиме меѓусебно и да се справиме со прашањата.

-Сметам дека во Македонија се гледа многу динамична дискусија за корупцијата и опасноста од корупција на секое ниво. Би рекла дека тоа е сигнал дека вашата демократија е жива и силна. Секако, справувањето со корупцијата е тешко и напорно и нема да Ве лажам. На демократиите им треба постојано внимание. Бараат постојана работа, особено кога се работи за дел од овие проблеми, кои се поврзани со интересите на некои луѓе и културолошките пракси кои мора да се променат. Но, сметам дека е важно што имате многу гласно и енергично граѓанско општество и НВО-сектор, кои ја присилуваат Владата да одговори на дел од овие прашања. Тоа е огромно барање, а луѓето бараат резултати и дејствување, порача американската амбасадорка Брнз



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.