Алијанса за Албанците викендов ќе решава дали ќе почнат формални преговори за влез во Владата, во спротивно излез се предвремени парламентарни избори.
Пред состанокот на Централното собрание, претседателот на Алијанса Арбен Таравари ќе има средба со амбасадорката на САД Анџела Агелер, што во партијата се толкува за клучно каде ќе натежне одлуката, објави Слободен печат.
Од Алијанса за Албанците велат дека викендов ќе разговараат дали ќе ги формализираат преговорите за влез во Владата.
– На Централното собрание ќе разговараме дали и формално ќе почнеме преговори. Ако одлуката биде позитивна, ќе организираме внатрепартиски референдум. Во спротивно, неминовни се избори. Експерти подготвуваат уште една анализа дали треба да се приклучиме на власта, а секако одлуката во многу ќе зависи и од средбата на Таравари со американската амбасадорка, вели за Слободен печат висок функционер од Алијанса.
Од Алијанса се воздржани како ќе пресечат. Велат дека не се толку битни ресорите, туку дали со власта ќе се „најдат“ со позициите околу битката против корупцијата. Во партијата се поделени размислувањата дали треба да станат дел од мнозинството.
Според некои партиски математики на Алијанса, опозициската ВМРО-ДПМНЕ може да обезбеди 61 пратенички глас за уривање на Владата, за што би гласале и пратеници од СДСМ и од ДУИ.
Незадоволните во ДУИ веќе се изјаснија дека не гледаат никаква политичка оправданост за влез на Алијанса во Владата и дека Ахмети тоа го прави за да го амортизира нивното незадоволство и мнозинството да не зависи од четири пратеници што им се приклучија на незадоволните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.