Постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, но тоа ќе зависи и од политичкиот договор, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Алијанса за Албанците има изразено политичка волја која што е „за“ европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата? Да, постојат шанси за тоа. Исто како што кажаа и другите политички лидери. А дали ќе се случи тоа? Зависи од политички договор. Политичкиот договор секогаш има два аспекти – едниот е програмски и другиот е кадровски. Додека не се случи такво нешто, не можеме со сигурност да кажеме дека ќе има уште еден владин партнер, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата, на која заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ информираше за скрининг процесот и следните активности поврзани со ЕУ интеграциите.

Премиерот потенцира дека е отворена можноста за сите оние кои што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Македонија и сега е времето да го направиме тоа, бидејќи, како што рече, од нас зависи побрзото пристапување на државата во Европската Унија.

– Не е доведено воопшто во прашање владиното мнозинство, бидејќи доколку ги погледнете и јавните изјави на сите политички фактори, пред се тука мислам на пратениците, никој не го доведува во прашање владиното мнозинство, туку се работи за повеќе за внатрепартиска дискусија која се одвива во одредени политички партии, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање околу иницијативата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за „Алијанса за Европа“, премиерот Ковачевски рече дека во нашата држава постојат два концепти. Едниот концепт, како што посочи, е за „Европска Македонија“ – концепт во кој што политичките партии кои што го поддржуваат СДСМ – партнерите од коалицијата, ДУИ, Алтернатива, Алијанса за Албанците и други политички партии кои го поддржуваат концептот на пристапување и зачленување на земјата во Европската Унија и кои го поддржаа зачленувањето во НАТО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.