Лидерите на албанските партии во Македонија вечерва во Тирана имаат средба со албанскиот премиер Еди Рама на која присуствува и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.

Рама на фејсбук објави фотографија од средбата на која се гледа дека тој и неговите гости наздравуваат со вино. Тој упати новогодишна честитка до сите Албанци – каде и да се. Пораката беше проследена со хаштагот „Албанско братство“.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, кој на средбата со Рама во Тирана пристигна во придружба на првиот вицепремиер Артан Груби, рече дека во пријателските и братски разговори ќе се разгледаат сите теми.

„Тема на средбата е внатрешно-политичката ситуација во Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот во Македонија за обезбедување мнозинство, бидејќи Собранието мора да направи одредени уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции“, коментира телевизијата „Њуз 24″.

Телевизијата потсетува дека на 19 јули 2022 година кога беа отворени преговорите за Албанија, преговорите беа отворени и за Македонија, но со услов од Бугарија која бара уставни измени со вметнување на бугарското малцинство во Уставот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.