Албанска компанија поднесе тужба против Македонија во висина од 110 милиони американски долари пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID) поради закочениот проект за изградба на хотел и трговски центар во главниот град Скопје, објави Дојче веле.

Веста ја објави Global Arbitration Review, кој наведува дека на 18 август било регистрирано барањето поднесено од Амадеус групацијата со седиште во Тирана, која се опишува себеси како комерцијален развивач и водечки дистрибутер на инфраструктурата за снабдување со електрична енергија низ Балканот. Случајот е поднесен според билатералниот инвестициски договор меѓу Македонија и Албанија.

Ова е најновиот арбитражен спор којшто е покренат против земјата. Вкупната вредност на арбитражните постапки кои што во моментот се водат против Македонија изнесува 1,36 милијарди евра, при што станува збор само за основицата, без камати, со кои износот може да се зголеми и над 1,5 милијарди евра. Постапките се речиси една третина од Буџетот за 2023 година, или околу осум отсто од домашниот БДП.

Амадеус и нејзината подружница во Македонија се застапувани од трговскиот адвокат и инвестициски банкар Барт Фишер и Грегори Јуинг во Правната групација Потомак во Вашингтон, како и Ѓорѓи Доновски од Скопје. Државата се уште нема именувано бранител.

Тврдењето се однесува на закочениот план на Амадеус за изградба на хотел и трговски центар на централниот плоштад во Скопје. Компанијата вели дека победила на јавен тендер во 2012 година и добила првични дозволи за проектот пред да наиде на противење од општината, за која тврди дека индиректно и директно ја експроприрала нејзината инвестиција спречувајќи ја групата да започне со изградба.

Амадеус тврди дека добил наредби од македонските судови, Министерството за транспорт и државниот народен правобранител за поништување на одлуката, но дека општината тврди дека тие го прекршиле договорот поради неотпочнување на изградба. Амадеус вели дека локалната власт оттогаш ги укинала дозволите и лиценците на групата.

Минатиот месец тужба пристигна и од италијанска компанија поради концесија за управување со една од најголемите депонии во Европа. Станува збор за италијанската компанија „ФЛЦ амбиенте“ која поднесе тужба за прекршување на договорот за управување со депонијата „Дрисла“. Компанијата беше концесионер на „Дрисла“, а случајот датира од 2013 година.

Тие ветија големо модернизирање на депонијата, но нивното стопанисување се оспоруваше веднаш по добивањето на тендерот. Град Скопје го раскина договорот со италијанската фирма, по што германската компанија „Шолц“ ја доби под концесија депонијата „Дрисла“, по 6-годишна судска битка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.