Решение на Министерството за образование децата да се приклучуваат на онлајн настава кога во училиштето има дојава за бомба е неприфатливо за родителите на децата од пониските одделенија. Тие се револтирани од неможноста на државата да ги исполни своите обврски кон граѓаните – да им гарантира безбедност и да им обезбеди образование на учениците.

Изложени на секојдневен стрес уште од октомври минатата година, родителите не се согласуваат да ги преземат обрските на државата и за час-два по дојавата да им обезбедат на децата услови за онлајн настава. Училиштата се мета на дојави за поставени бомби од почетокот на учебната година и тоа практично им го парализира живтот на граѓаните, особено на оние кои имаат деца во пониските одделенија.

Маневрите да ги земаме децата од училиште по секоја дојава за бомба доволно ни ги комплицираат животите. Свесна сум дека безбедноста на децата е најважна, но не можеме туку така да излетаме од работа и потоа да дојдеме дома со детето и цел ден да го поминеме на компјутер. Моето дете е мало и не може да следи онлајн настава без родителска помош. За мене е неизводливо решението што се предлага, вели мајка на второодделенка.

Според Владата, дојавите за бомби се дел од „хибридната војна“ што се води паралелно со војната во Украина. Настава нема, а уште помалку информации за тоа кој ги праќа заканувачките мејлови. И по пет месеци Министерството за внатрешни работи не може да дојде до испраќачот на заканувачките пораки, а Министерството за образование нема начин да обезбеди настава во вакви услови.

Решението што се нуди не е соломонско решение. Неприфатливо е привремено да се реши проблемот, затоа што никој не знае ова лудило до кога ќе трае. Има дечиња кои ќе можат да се вклучат, но што со оние кои нема да можат. Какво решение ни се нуди за тие деца? Надлежните требада најдат соодветно решение како ќе се одвива наставата отсега натаму, а ова дефинитивно не е решение. Па и во короната малите деца беа изземени од наставата на далечина, вели мајка на првоодделенец од едно скопско училиште.

Во дописот од МОН до директорите на училиштата во земјава се бара тие да преземат итни мерки за непречено реализирање на воспитно-образовниот процес во безбедна и стимулирачка работна средина. МОН укажува да се зајакне контролата за влез и излез во училиштата, а во деновите кога има заканувачка дојава училиштето да организира учење на далечина.

Кој ќе седи со децата? Кој ќе им помага да следат онлајн настава? Моето дете е со попреченост, кога сме на работа за него се грижат моите родители. Тие го земаат од училиште и седи со нив додека да дојдеме од работа. И покрај сите обврски што ги повлекува грижата за моето дете, јас не можам татко ми на 80 години да го учам работа на компјутери. Сметам дека е нехумано и кон детето и кон дедото, вели татко, чие дете учи во четврто одделение.

Родителите велат дека се снаоѓаат за децата. Некогаш ги земаат баби и дедовци, некогаш комшии или пак се органзираат во одделението, па еден родител или една баба земаат по неколку деца.

Во одделението кај ќерка ми една баба зема и по пет деца. Кога има дојава за бомба јас ја земам ќерка ми и ја носам со мене на работа, па заедно одиме по синот да го земеме од градинка. Немам друго решение. Сопругот работи во „Бунарџик“ и невозможно е да излегува кога ќе посака и да го зема детето во разумно време. Сепак, имајте на ум ова не е инцидент, не е еднаш. Навистина детето треба да има образование, но треба и да јаде. Не можеме да си дозволиме да се сведеме на една плата, загрижена е мајка на девојче од основно училиште од Аеродром.

Кои други опции ги имаме, прашуваат родителите и не се согласуваат дека треба да се благодарни што „се наоѓа решение и не ни ги оставаат децата само да дремат дома туку се трудат што побезболно да ја поминат годината“. Велат, директорите да се издигнат над интересите на оние што ги поставиле и да застанат на страната на децата. Ако и едно дете не може да ја следи наставата на предложениот начин, тогаш тоа не е начин.

Можеби јас ќе се снајдам да бидам со детето на компјутер, но тоа е селекција, моето дете може, твоето не може. Треба да можат сите деца.

Училиштата се нудат да најдат решение, но во рамките на предложеното од МОН. Ќе имаат разборање за децата и наставниците кои не можат за час-два да стигнат дома. Како решение се предлага и наставата да продолжи подоцна, по 16 часот. Исто така, се предлага наставникот да подели материјали, па децата да учат дома со родителите. На децата кои немаат компјутери ќе им се печатат материјали, ќе се испраќаат материјали на вибер или меил, ќе работат од телефон, велат од училиштата.

МОН ќе обезбеди кодови за децата од прво одделение за да можат да пристапат на платформата Тимс за да следат настава. Дотогаш ќе добиваат наставно ливче и материјал за работа дома.

Се ќе се прави во договор со наставникот, разборање ќе има, но наставно-образвониот процес мора да продолжи по насоките добиени од МОН, велат од училиштата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.