„Процесот на уставни измени е структуриран процес. Предлагач на измените ќе биде Владата и затоа е формирана работна група во рамки на Министерството за правда, во која членуваат експерти по уставно право, од академската заедница, експерти коишто имаат големо практично искуство во уставното право, како поранешен претседател на уставен суд, поранешни уставни судии, професори од областа на уставното и сродните права, како и претставници на политичките партии. За жал, опозицијата, како и во многу други наврати и други процеси реши да не учествува во работната група. Меѓутоа, таа останува секогаш отворена за нивни сугестии, за вклучување на нивни претставници, со оглед на тоа дека овој процес не е процес на еден човек, не е процес на една политичка партија, не е процес на една Влада, туку е процес на целата држава бидејќи ние имаме одговорност пред граѓаните, сите политички партии да обезбедиме европска иднина на граѓаните“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, во денешното интервју за телевизија Сител.
Премиерот Ковачевски посочи дека процесот на уставни измени е една од одлуките коишто ќе треба да ги донесеме до полноправното зачленување во Европската унија.
„По овие уставни измени, следуваат и други одлуки за коишто, исто така, има потреба од двотретинско мнозинство во Собранието, а тоа се реформи на јавна администрација, реформи на правосудство, обвинителството, децентрализација. Тоа се закони, коишто, според нашето уредување, се носат со двотретинско мнозинство. Затоа велам дека оваа одлука е одлука за зачленување на државата во Европската унија и така ја третираме од страна на Владата со оглед на тоа дека е значајна за иднината на државата да стане земја членка на Европската унија“, истакна премиерот.
Премиерот Ковачевски оцени дека политичарите треба да носат одлуки со коишто обезбедуваат подобра иднина на сегашните и на идните генерации.
„Европска иднина практично значи поголеми плати, подобар систем, пофункционални институции, подобри услуги за граѓаните и сето тоа да го имаат во нашата држава, во Македонија бидејќи тоа граѓаните го потврдиле дека го сакаат. Нашите граѓани сакаат да живеат во Европската унија, меѓутоа да живеат во Европската унија во Македонија, во својата земја, а не да живеат во Европска унија во туѓина“, рече премиерот Ковачевски во интервјуто за „Сител“.
Тој се осврна и на посетата на Австрија, потенцирајќи дека Австрија е една од државите којашто е наш најголем пријател и најголем поддржувач во сите области на нашата држава од првиот ден на нашето осамостојување, оценувајќи ја како – „еден од најгласните поддржувачи за усвојување на преговарачката рамка од страна на Европскиот совет и за отпочнување на преговорите со Европската Унија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.