Академијата за судии и јавни обвинители поднесе тужба пред Управен суд по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата дека Академијата со конкурсот и тестирањето на кандидатите за судии и обвинители го прекршува законот во изборен период.
Од Академијата, посочуваат дека пред, и на самата јавна седница на ДКСК, што се одржа на 10 април, имало многу процедурални повреди, за што Академијата ќе бара судска заштита и ќе ги остварува своите права пред Управниот суд.
– Академијата по добивањето на Одлуката од ДКСК во законскиот рок ќе поднесе тужба и истата ќе биде заснована на факти, а не на политички маркетинг, невистини и инсинуации, како што беше случајот со јавната седница, кога претседателскиот кандидат се повикуваше на некакви писма и изнесуваше разни шпекулации и измислици, а на Академијата ѝ беше ускратено правото на одговор по истите, соопштија тогаш од Академијата.
Оттаму, исто така, изразија верување во институциите на системот и најавија дека ќе ја почитуваат одлуката на Управниот суд.
Државната комисија за спречување на корупцијата, на јавната седница со пет гласа го усвои приговорот поднесен од Гордана Силјановска – Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик. Комисијата, согласно надлежностите, ќе преземе мерки и ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи.
Според приговорот на Силјановска – Давкова, доставен на 6 април до ДКСК, Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.
Во образложението на приговорот, пишува дека Академијата за судии и јавни обвинители во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година, АСЈО го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.
– Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска – Давкова.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер – Дамјановска, на седницата нагласи дека се незадоволни од одлуката и оти правдата ќе ја бараат пред Управен суд, а, како што рече, најголеми губитници во овој случај се кандидатите.
– Значи воопшто датумски не се совпаѓа целиот наш процес на тестирање со рокот што е определен во законот. Нашиот процес почна во јануари 2023 година и сѐ уште трае, подвлече Габер – Дамјановска, додавајќи дека не се знае точно кога тој процес ќе заврши, и оти не се работи за класично вработување.
Таа подвлече дека во прашање е сериозен јавен интерес, што ќе има долгорочни последици врз капацитетот на работењето на судовите и обвинителствата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.