„Ние функционираме во демократија со комунистички менталитет при што една партија не треба да покаже што прави внатре и како ги користи народните пари. Нашиот менталитет е таков што транспарентноста да ја гледаме само како процедура, а не како вредност“, оцени Омер Ајдини, претседател на Младинскиот форум на Алијанса за Албанците, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, во која се дебатираше за Индексот на транспарентност на политичките партии.
Ова истражување, спроведено од Фондацијата „Отворено општество Македонија“ – ФООМ, во рамките на поширок проект на Меѓународниот републикански институт од САД – ИРИ, покажа дека ниедна партија не добила одлична или многу добра оценка. Од 28 рангирани партии, најмногу – 72 од можни 120 поени, освоила Левица и заслужила оценка „добар“. СДСМ има скор од 55 поени, ВМРО-ДПМНЕ – 28 поени, Алијанса за Албанците е оценета со 22 поена, а ДУИ има едвај 11.
„Ние имаме минато во комунистички социјалистички систем, каде освен што немаше доволни информации за јавноста, туку и информацијата се сметаше за нешто ризично, а не за вредност. Тој менталитет, за жал, партиите што произлегле од комунистичкиот систем, како што е СДСМ, го пренеле во демократијата. Ние функционираме во демократија со комунистички менталитет каде една партија не треба да покаже што прави внатре и како ги користи народните пари. Ова сме го пренеле во сегашното функционирање. Ние сме објавиле само неколку извештаи односно извештаите што се бараат поради законот, но не сме ги направиле достапни за јавноста и за оние што сакале да имаат пристап. Затоа, имаме 64% од луѓето, според последната анкета на ИРИ, кои мислат дека политичките партии ги злоупотребуваат средствата од јавниот буџет“, вели Ајдини.
Тој рече дека Алијанса за Албанците, во меѓувреме, направила голема трансформација на својата интернет-страница, дека е прва партија со вакви промени и дека сега се достапни сите информации – не само оние што се бараат со закон, туку и оние што спаѓаат во сферата на активна транспарентност.
„Ние правиме промена на менталитетот и носиме нешто ново“, рече Ајдини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.