Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во интервју за косовската телевизија „РТК“ ја коментира средбата на косовскиот премиер Албин Курти со лидерите на опозициските албански партии од Македонија. Вели дека Курти треба отворено да каже дали неговата партија Самоопределување ќе учествува на изборите во Македонија, но смета дека на Албанците во земјава не им требаат многу партии.

– Нема ништо лошо во запознавањето, но она што го кажа Меџити не се совпаѓа со изјавата на Курти што ја даде во Скопје, во која рече дека Движењето Самоопределување не учествува на овие избори. Ако има стратегија да се камуфлираат работите, не е добро, да ги кажеме работите отворено и ништо не не спречува, рече Ахмети.

Прашан дали вклучувањето на Самоопределување на изборите во Македонија ќе влијае на изборните резултати, Ахмети смета дека ќе нема влијание бидејќи, како што вели, „албанскиот електорат е доста дефиниран во Македонија“.

– Во моментов, ако се повикуваме на студии и анализи, ДУИ е победник на овие избори уште пред да се одржат, а тоа го знаат и македонските и албанските политички партии, но и македонската и албанската опозиција. Никогаш не сум бил разочаран од предвидувањата и студиите на експертите и вистинската експертиза. Но времето ќе го докаже тоа, наведува Ахмети.

Лидерот на ДУИ тврди дека не е во непријателство со ниту една политичка партија ниту во Косово, ниту во Албанија, ниту во Македонија, но смета оти на Албанците во Македонија не им требаат многу партии.

– На Албанците во Македонија не им требаат 3, 4, 5, 6 или 7 партии бидејќи колку повеќе партии има, тогаш Албанците ќе бидат помалку важни, подвлече Ахмети.

На забелешка дека моменталната функција на Талат Џафери се признава како технички премиер, лидерот на ДУИ вели дека во официјалните документи не постои формулацијата технички премиер, а оти додавката „технички“ се користи за да се ублажи ставот на македонската јавност, со оглед на тоа што во минатото имало многу реакции за напредувањето на Албанците.

Ахмети изрази жалење што, како што посочи, во овој историски чин за избор на Џафери на чело на Владата не учествувале опозициските партии на Албанците во земјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.