Демократската унија за интеграција денеска во Тетово почна седница на Генералниот совет свикана од партискиот претседател Али Ахмети. Актуелните политички случувања во државата е темата на Советот, за што свое излагање имаше Ахмети.
Лидерот на ДУИ ги повтори обвинувањата кон ВМРО – ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски дека не го почитувале легитимитетот на гласачите Албанци.
– Ставот на ВМРО, не го оспоруваме, нивниот легитимитет. Ние го оспоруваме и ќе го демонстрираме нашето незадоволство и револт поврзано со нивната неправедна одлука во насока на непочитување на легитимитетот кој е постигнат од страна на ДУИ и Европскиот фронт. Оваа Влада нема легитимитет, нема етнички легитимитет. Ние ќе ја направиме нашата работа за да објасниме пред јавноста македонската и албанската јавност, дека оваа држава има иднина и перспектива само почитувајќи ги слободниот глас, легитимноста и ние сме победиле на овие избори – рече Ахмети.
Според Ахмети, решенијата на Мицкоски не биле праведни и рече дека државата нема издржани политики со соседите, како со Грците, така со Бугарите.
– Ние сме биле многу отворени и искрени, промена на Уставот е неопходна, бидејќи сите граѓани добиваме од тоа во насока на забрзување на нашиот пат кон ЕУ. Секој застој во оваа насока ќе има превисока цена, како што сме ја платиле таа цена со грчката страна, може да платиме висока цена и со бугарска страна. Но, тука цената може да биде уште повисока, споредувајќи со таа со грчката страна. Бројот на граѓани со бугарско државјанство расте секој ден. Можно е пакетот за членство во ЕУ, ако ние не ги направиме неопходните чекори, тој пакет и да биде изменет, Албанија да ги отвори преговори за членство во ЕУ, а ние да останеме назад и Албанија да стане членка, а ние држава со два народа кои имаат две различни државјанства. Со бугарско и со албанско државјанство, затоа овие пресметки треба долго да се размислат пред да се зборува и да се делува – рече Ахмети.
Од ДУИ информираа дека по завршување на седницата на Генералниот совет, заклучоците преку соопштение ќе ги достават до јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.