За  Македонија да ги надмине предизвициите кои се пред неа, корупцијата не смее туку така да минува. Одговрните мора да одговараат. Ова го изјави амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, на денешната прес-конференција на која зборуваше за одлуката американското Министерство за финансии – бизнисменот Јордан (Орце) Камчев да го стави на „црната листа“ на САД.

Таа потенцираше дека ваквите чекори, прво за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, а сега и за Камчев, не се лично или политички мотивирани.

Не можам да кажам која личност би била следна. Ова е многу сериозно назначување. Има повеќе личности и организации кои во секој момент се разгледуваат – рече Агелер.

За влијанието што го има американската „црна листа“, амбасадорката коментираше дека САД нема да дојдат и да уапсат некого или пак да преземат мерки против одредена личност, но рече дека е интересно да се видат наредните чекори, алудирајќи на домашните институции.

Бевме во можност да најдеме докази против овие личности и тие докази се собрани овде, во земјава. Значи, информациите се достапни, работевме со институциите. Но, следните мерките зависат од надлежните органи – рече таа.

Агелер порача дека корупцијата, во каква било форма, не треба да се толерира, а одлуките што би можеле да следат од правосудните органи и други институции зависат од нив самите. Таа се надева дека и граѓаните ќе бараат интегритет од луѓето кои имаат влијание.

Инаку, бизнисменот Камчев од вчера е на „црната листа“ на САД поради корупција. Нарекувајќи го „корумпиран бизнисмен“, американското Министерството за финансии ја нагласува посветеноста на САД да промовира одговорност за сите поединци и фирми кои „ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и другo дестабилизирачко однесување“.

Американските власти сметаат дека Камчев интензивно се занимава со корупција повеќе од една деценија, како и дека го искористил своето богатство и коруптивно влијание за да манипулира со судскиот систем во Македонија нагласувајќи го тука тоа што со неговото коруптивно однесување придонел за колапсот на СЈО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.