Американската амбасадорка Анџела Агелер, во врска со прогласувањето за непожелна личност за САД на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од страна на Стејт департментот, поради корупција, вели дека „народот на Македонија заслужува интегритет од своите јавни функционери и систем којшто ќе ги смета за одговорни“.
-Народот на Македонија заслужува интегритет од своите јавни функционери и систем којшто ќе ги смета за одговорни. САД ќе продолжи да повикуваат секого – без разлика на позицијата или политичката партија – којшто ќе го поткопува владеењето на правото, загрозувајќи го напредокот и стабилност на Македонија, напиша Агелер на Фејсбук страницата на Амбасадата на САД.
Стејт департментот претходно денеска го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за непожелна личност за влез во САД, поради негова вмешаност во значајна корупција, се наведува во писмената изјава на Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
-За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудсните и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Македонија за зајакнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото, стои во соопштението.
Натаму, во соопштението се наведува дека оваа одлука ја реафирмира посветеноста на САД во борбата против корупцијата, којашто наштетува на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.
Одлуката на Стејт департментот за забрана за влез во САД се однесува и на сопругата и трите деца на Мерко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.