63% од граѓаните сметаат дека животот во Македонија се движи во погрешна насока – покажуваат резултатите од истражувањето на Институтот за демократија. Само 28% сметаат дека животот се движи во правилна насока. Генералната перцепција на граѓаните бележи влошување во споредба со последните три години, односно процентот на испитаници кои сметаат дека животот оди во погрешна насока бележи раст од 12%.

Доволен 2,5 – ова е оценката за работата на Собранието, на скала од 1 до 5. И овој дел од истражувањето покажува дека изминатите години опаѓа довербата на граѓаните во Законодавниот дом, односно, секоја година Парламентот добива пониска оценка.

Доминира бројот граѓани кои сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока во однос на оние што го сметаат спротивното. На скала од 1 до 10 ниту една од институциите не доби ниту оценка пет по однос на довербата кај граѓаните.

На скала од 1 до 10 – граѓаните со највисока оценка на доверба го оценија Претседателот на државата – 4.2, следуваат Собранието со оценка 4 и Владата со 3.9. Најниска оценка на доверба доби судството со 3.2.

Над една третина (36%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо спротивниот ефект. Имајќи ги предвид пратеничките прашања како една од алатките на Собранието за надзор над извршната власт, граѓаните се поделени во однос на тоа дали тие се користат соодветно или служат само за критика или реклама.

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието.

Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, најголем дел од испитаниците сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите. Мнозинството граѓани, исто така, сметаат и дека пратениците од нивните изборни единици не се достапни за средби со граѓаните и не ги информираат доволно граѓаните за својата работа. Граѓаните забележуваат и дека пратениците недоволно се осврнуваат на проблемите на општините и локалните заедници. За разлика од минатата година, граѓаните се помалку запознаени со тоа кои се пратениците од нивните изборни единици.

Донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието од страна на најголем дел од граѓаните. Сепак, нивното извршување од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани.

Анкетата е спроведена на 1000 испитаници со метод лице во лице во период од 19 февруари до 10 март 2022 година, а статистичката грешка е +3%.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.