Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски учествува на групната изложба „Уметноста на креативното истражување“ во Уметничката галерија на Националниот институт за образование во Сингапур, во периодот од 6 до 31 јануари 2023 година.

На изложбата учествуваат 15 врвни уметници-професори од Лондон, Хонг Конг и Сингапур, вклучително и од Универзитетот Кембриџ, Универзитет колеџ Лондон, Кралскиот колеџ за уметност, итн.

„Оваа изложба ја слави уметноста како академско истражување. Изложбата спојува на едно место 15 меѓународни уметници-академици кои ги истражуваат нивните мулти-идентитети, стапуваат во дијалог за вредноста и местото на уметноста како истражување, и нудат увид во нивното знаење за односите помеѓу уметноста и академскиот свет“, истакнува Ребека Хитон во предговорот на каталогот за изложбата.

На изложбата Попоски ќе се претстави со видео арт од неговата понова продукција, дело што ја истражува просторната онтологија и постхуманата дејственост во рамки на постхуманата естетика на современиот авторски филм.

„Ова дело преставува своевиден вовед и пресек на клучните теми од моето најново творештво, коешто е фокусирано на дигитална ликовна уметност создадена со помош на вештачка интелигенција“, изјави Попоски.

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.