На пригодна свеченост одржана во Центарот за култура во Охрид на поетот Зоран Анчески му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобро поетско дело за 2022 година. Неговата поема „Коњски житија“ беше избрана за најдобра на конкурсот за најдобро авторско поетско дело што секоја година се доделува во чест на славниот охридски и македонски преродбеник.
Лауреатот рече дека мотивацијата за неговото творечко дело произлегла спонтано, пред се од неговата љубов кон коњите. Токму таа љубов го инспирирала да креира едно поетско дело во интересна форма, во која коњите говорат за човештвото и цивилизацијата.
Тие се еден вид меморија, тивка меморија на нашето постоење на оваа планета кои никогаш во ниедна прилика не ги искажале своите размисли во врска со животот и постоењето. Кога почнав да работам прво морав да направам длабоки истражувања за посебни и особени коњи од битот, од легендата, од историјата, фолклорот. Ги врзав во една структура, на целата поема и претходи Пролог како што е редот, а пеењата се поврзани драмски монолози на посебни коњи, како што реков низ историјата, митологијата,фолклорот и легендите, рече Анчески.
За самата награда „Григор Прличев“, тој рече дека е гордост, добивањето награда што го носи прличевото име е изнонредна чест за секој поет.
Ако Прличев ја донел тука во Охрид и Македонија титулата Втор Хомер, тогаш ние со право можеме да се гордееме што сме вторите Прличеви во оваа наша литература, рече Анчески.
За претседателот на жири-комисијата Александар Прокопиев, уште со првото читање било очигледно дека за поемата „Коњски житија“ стои автор со големо поетско умеење што, според него, е уште една потврда дека во нашата земја има големи творци.
Веднаш се наметна поемата, од тоа како е поетски изведена… Сите делови на поемата, со вовед и епилог, покажуваат дека се работи за творец со големи познавања и поетско умеење, истовремено со голема културолошка и литературна подлога, рече тој.
Прокопиев изрази задоволство што меѓу пристигнатите трудови на конкурсот, имало мошне солидни поеми.
Поемата е сепак тешка форма, да се напише добра поема треба време…Но овој конкурс покажа дека оваа земја има силни, силни творци што се зафатиле со тој жанр, рече тој.
Чествувањата по повод 130-годишнината од смртта на Григор Прличев во рамки на манифестацијата „Прличеви Беседи“ продолжуваат утре со панихида и полагање цвеќе на гробот на ловороносецот, во возобновената куќа на поетот ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“, додека во рамки на традиционалната „Прличева визита“ ќе биде прогласена најдобрата беседа за 2023 година на тема „Прличев и ние“, како и промоцијата на аудио-записот, есејот „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.