Јас досега во мојот живот никогаш не сум садел дрвја до ден денешен, но го познавам тој чин бидејќи сум посадил многу песни во мојот живот и тоа е речиси исто, рече Жан Пјер Симеон, годинашниот лауреат на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезија утринава додека засади дрво во паркот на поезијата во Струга.

Песната, не е ли и таа едно мало дрвце кое го садиме во интимната градина на читателот и кое расте спокојно пред да ги даде своите плодови?

Има исто толку видови на песни колку што има видови на дрвја, повеќето од нив се плодородни дрвја, има песни бонсаи кои служат како украси, песни како дрвото Баобаб како што е Божествената комедија, песни кои се толку обвиени во недоброј лисја за да се засолнат вљубените, песни што се разнесени од бурите, песни без цветови, но гнезда за безброј птици, песни суви и голи кои што можат да им го покажат патот на скитниците.

И на крајот има такви песни кои расцутуваат одеднаш на секоја посета од читателот, токму такви песни какви што ние сите сонуваме да ги напишеме!, рече Симеон.

На ова место се вишнеат дрвјата засадени од некои од најзначајните поети на 20 век: Адонис, Ајги, Вознесенски, Сенегор, Фатос Арапи, Ив Бонфoа, Ален Гинзберг, Махмуд Дарвиш, Маргарет Атвуд, Нанси Морехон, Десанка Максимовиќ итн. Гранките на тие дрвја остануваат симболично продолжение на нивните гласови, на нивните стихови прочитани, токму тука во Струга.

Годинешниот лауреат, во присуство на македонските и странските поети, изјави задоволство што ја има честа и неговото дрво да се најде во леата со светските поетски великани.

Струга има свој мост, Дом и Парк на поезијата. Прекрасна е идејата секој поет што ќе добие „Златен венец“ да засади дрво. Еден ден овде ќе имаме и шума. Еден ден кога нас ќе нѐ нема ова дрво ќе продолжи да расте и да се развива – рече Симеон.

Симеон, не е непознат за СВП и пошироката читателска јавност. Бил гостин на престижниот поетски фестивал во 2010 година, а неговата поезија  е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поетскиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на СВП, во 2010 година, во препев на Јордан Плевнеш.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.