Со проекција на два филмови од Официјалната селекција на долгометражни филмови и еден од Ревијалната програма: Филм-философија денес продолжува Главната програма на 12. Филозофски филмски фестивал.

Со почеток во 16.30 во кинотечната сала во Кинотеката на Македонија ќе се прикаже филмот „Заклетвата на Хасан“ на турскиот режисер  Семих Капланоглу.

Филмот е морална приказна која го осуетува лицемерието на семејствата на селските земјоделци и која покажува како гордоста може да надвладее над лицето на понижувањето. Претстоечкиот аџилак на Хасан, всушност е пригода за согледување на грешките од минатото и можност за патување до покајанието, пред сè, преку барањето прошка од сите оние на коишто им згрешил, а особено земањето благослов од човекот пред кого тој чувствува најголема вина – неговиот брат.

„Заклетвата на Хасан“ на Капланоглу беше прикажан во селекцијата „Извесен поглед“ на  Канскиот филмски фестивал 2021, потоа на фестивалите во Чикаго и Карлови Вари, а добива и Награда за најдобар странски филм во Сао Паоло од филмските критичари.

Подоцна (во 19.00), премиерно за македонската публика ќе биде прикажан филмот „Клара Сола“ на Натали Алварез Месен

Во филмот главната хероина Клара е вклештена во вкрстен оган помеѓу патерналистичкото однесување на семејството и инхибицијата на  природните страсти и нагони. Обвиен во едно дискретно руво на магичниот реализам, филмот на Натали Алварез Месен ни пренесува една интимна приказна за духовното будење и експлозијата на скриената и поттиснувана женска сексуалност на дистанцираната и помалку необична Клара.

Провокативна филмска медитација за дискрепанцата меѓу конзервативноста на фолклорната традиција и религиозните стеги и ограничувања од една страна, и откривањето на интимната природа на жената ситуирана во едно секојдневие со крајно ограничувачки услови.

„Клара Сола“ премиерно беше прикажан во програмата „Кензен“ на Канскиот филмски фестивал во 2021 година, беше дел од селекциите и на BFI Лондонскиот филмски фестивал и Солунскиот филмски фестивал (Специјална награда од жирито) и е добитник на Наградата за најдобар игран филм и Најдобра актерка (Венди Чинчила Араја / Wendy Chinchilla Araya) на меѓународниот фестивал во Сао Паоло.

И двата филма се дел од компетитивната програма на Официјалната селекција на долгометражни филмови, а гласовите на присутните одлучуваат за наградата „Златен був“ од публика. 

Вечерната програма е резервирана за класикот „Франкенштајн“ како дел од Ревијалната програма: Филм-философија. По филмот ќе следи излагање на м-р Тијана Петковска и дискусија со публиката.

Филмската класика од 1931 година, ФРАНКЕНШТАЈН на режисерот Џејмс Вејл, е еден од првите позначајни научно-фантастични филмови. Тој е адаптација на драмата напишана од Пеги Веблинг во 1927 година, која, пак, е направена врз основа на романот „Франкенштајн, Модерниот Прометеј“ на Мери Шели од 1818 година, кој раскажува за опседнат научник што собира делови од лешовите со намера да состави ново живо суштество. Ова суштество има потреба од нежност и приврзаност, но од најголем дел од луѓето добива само суровост и одбивност.

Незаборавната интерпретација на Борис Карлоф, во ликот на чудовиштето создадено од опседнатиот научник Хенри Франкенштајн, како и извонредната маска создадена од еден од врвните уметници на филмската шминка Џек Пирс, влијаеле овој филм да постигне голем комерцијален успех, предизвикувајќи бројни продолженија и нови верзии, како и огромно влијание врз популарната култура. Иако неколку сцени од оригиналната верзија се цензурирани, а во многу држави долго време овој филм бил забранет за прикажување, сепак неговата вредност и влијание се признаени со неговото вбројување во многу важни листи на најдобри филмови на сите времиња, вклучително и во изборот на Американскиот филмски институт и на Њујорк тајмс.

Во 1991 година, Конгесната библиотека на САД го избра овој филм за заштита во Националниот филмски регистар, како „културно, историски и естетски значајно дело“.

Тијана Петковска дипломира и магистрира на Филозофскиот Факултет во Скопје, на Институтот за филозофија, а нејзин посебен интерес е современата филозофија. Помеѓу додипломските и постдипломските студии завршува едногодишен специјалистички курс за филмска режија на Интернационалниот отсек на ФАМУ (Филмска и телевизиска школа на Факултетот за изведувачки уметности) во Прага. Во меѓувреме, се занимава со видео монтажа и работи на различни филмски фестивали во Скопје, меѓу кои и Филозофскиот филмски фестивал. Еден краток период пишува филмски рецензии и критики за дневни весници и портали, а издава и текстови од областа на филозофијата и естетиката на филмот во списанија како „Филозофска трибина“ и „Блесок“. Во моментот работи како хонорарен писател и е во очекување на излегувањето на својот прв ко-авторски роман на англиски јазик до крајот на годината. 

Главната програма на Филозофскиот филмски фестивал трае до 9 јуни во Кинотеката на Македонија, а целата програма може да ја најдете на philosophicalfilmfestival.mk



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.