Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Заедно“ на кој ќе бидат изведени Концертот за виолина, виолончело и пијано во Це-дур, оп.56 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастична симфонија“, оп. 14 од Хектор Берлиоз. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, а како солисти ќе настапат виолинистката Софи Хајнхрих (Австрија), пијанистката Марија Вршкова (Македонија) и виолончелистката Михе Рио (Кореа).
Конрад ван Алфен е етаблиран холандски/јужноафрикански диригент се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостиндиригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико.
Од својата четиригодишна возраст, откако почнала да изучува виолина, германската виолинистка Софи Хајнрих е постојано на сцената како солист. Значајни педагози во нејзината кариера се проф. Антје Вајтхас, како и проф. Томас Брандис, кај кого ги завршила постдипломските студии на Универзитетот за музика во Либек и каде што била негов асистент.
Македонската пијанистка Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со највисоката оценка на ниво на универзитет „cum lauda“, во класата на проф. Тодор Светиев, кај когоги завршува и магистерските студии по пијано. Реализирала преку 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела, не само од македонски туку и од странски автори.
Критиката е постојано на страната на корејската виолончелистка Михе Рио, оценувајќи ги нејзините изведби како врвни. Се издвојува нејзиниот настап со „вечната кралица“ меѓу сите пијанисти Марта Аргериќ во „Тонхале“, во Цирих, и со виртуозот на виолина Шломо Минц во „Лист“, во Будимпешта. Во 2013 година, Михе го издаде својот албум за „Дојчеграмофон“, со Концертите за виолончело на Сен-Санс и Елгар. Учествува и на значајни меѓународни натпревари како член на жири. Во моментов живее во Виена и активно изведува преку 30 концерти годишно како концертна виолончелистка, што ѝ ја донесе и титулата уметнички директор на ИМК (Асоцијацијата за интернационална музика и културна промоција).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.