На Интернационалниот фестивал на дуодрама „БРАНКО ЃОРЧЕВ“, Биљана Драгиќевиќ Пројковска ја доби наградата за најдобра женска улога. Ова престижно признание таа го доби за улогата во претставата “ЗА НАС ПОЧНУВА ЖИВОТ” во режија на Дејан Пројковски. Жири комисијата во состав: Роберт Ристов, Васил Зафирчев и Селпин Керим наградата на Драгиќевиќ Пројковска ѝ ја додели заради повеќеслојниот актерски израз во градењето на улогата и умешниот спој на комичната со мелодрамската игра. Вториот по ред интернационален фестивал на дуодрама “БРАНКО ЃОРЧЕВ 2023” – Неготино, се одржа од 10 до 13 мај, на сцената на НУЦК “Ацо Ѓорчев” – Неготино. Организатор и покровител на фестивалот е Општина Неготино, а ко-организатор на истиот е Театар Провокација.

Повелете, во понеделник на 22 мај во Драмски театар Скопје да ја гледате претставата “ЗА НАС ПОЧНУВА ЖИВОТ”.

Режисерот Дејан Пројковски во режисерската белешка вели: „Маж и жена се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце и поглед на море . И токму кога сметате дека угоре е високо, а удолу длабоко добивате милиони на лото. И како понатаму…Претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози кои не потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.