Филмот „Зад стоговите сено“ на режисерката Асимина Проедру што е во копродукција на Македонија, Грција и Германија освои неколку награди на 63-от филмски фестивал во Солун што се одржа од 3 до 13 ноември.
Во категоријата „Запознај го соседот“, беа наградени три филма, а ,„Зад стоговите сено“ доби специјално признание бидејќи според образложението „филмот се занимава со важно прашање, кое деновиве е исклучително актуелно, а силните изведби оставаат свој белег бидејќи ликовите останаа во нашите умови и по завршувањето на филмот“.
Наградата „Фипресци“ (Меѓународна федерација на филмски критичари) за премиера на грчки филм на фестивалот беше доделена на „Зад стоговите сено“, поради „умешноста со која ги интегрира сите елементи на природата и културата во повеќеслојна нарација за социјалното лицемерие и падот на поединецот во време на хуманитарна криза“.
Филмот со оглед на тоа дека ја освои оваа награда, беше награден и од државната телевизија ЕРТ која доделува награда и паричен износ од 3.000 евра на филмот одбран од Комисијата „Фипресци“.
Филмот што е копродукција помеѓу Грција, Македонија и Германија, почна да се снима на почетокот од минатата година, дејствието се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата.
Филмскиот проект е поддржан од Грчкиот Филмски Центар, Агенцијата за филм на Република Македонија, а финансиска поддршка доби и од Еуримаж (Европски фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела).
Главен продуцент е продуцентската куќа Argonauts Production, а копродуценти се Сектор Филм од Македонија и Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR од Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.