Во рамки на чествувањата по повод 129 години од смртта на охридскиот поет и преродбеник Григор Прличев, денес беше промовирана книгата „Охридски раскажувачи“ од авторите проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, чиј издавач е Општина Охрид.
Книгата претставува преглед на 17 раскажувачи кои што на некој начин се поврзани со Охрид и Охридско. Како што истакна авторот Димитар Пандев, охридската проза своевремено мошне високо котирала во македонската литература и лектира, а целта на оваа книга е тоа да се возобнови на определен начин.
Тоа е дел од еден подолг проект што го подготвуваме со Општина Охрид, заедно со Митре Велјаноски како уредник и со Славе Ѓорѓо Димоски, со кој на извесен начин ги возобновуваме охридските традиции, пред се охридските поети на значајните имиња од охридската историја и во тој контекс на охридските раскажувачи. Притоа тргнавме по еден хронолошки принцип, при што ни се отвори темата за охридскиот заговор бидејќи сфативме дека охридската раскажувачка проза на современ македонски јазик почнува со охридскиот заговор, продолжува со предилинденскиот период, за потоа да се запоточи во онаа детска литература преку романите на Ванчо Николески, рече Пандев.
Зборувајќи за делото на Николески, Пандев истакна дека тој е автор на неколку историски романи, од кои особено место зазема романот за Гоце Делчев.
Во оваа книга има и доста македонски прозаисти што беа наши современици со кои заедно сме живееле и сме го оделе трнливиот пат на литературата, како Николески, Димче Маленко се до Зоран Ковачески со кој заедно сме работеле на полето на литературата, рече тој.
Самата книга претставува печат на пишаното и на раскажуваното, како и книга која е доказ за македонските раскажувачи од времето на преродбата па се до осовремувањето. Делото ја прикажува раскажувачката страст на многу охридски великани меѓу кои Кузман Шапкарев, Живко Чинго, Ефтим Спространов, Видое Видически и многу други.
Делото претставува пресрет на една линија што се води од илинденците па се до она раскажување кое што е поврзано до осовремувањето на македонскиот јазик, односно охридскиот говор содржан низ текстовите опфатени во книгата се до стандардизирањето на македонскиот стандарден јазик, рече Перчо Божиновски, промотор на книгата.
Преку промоции на вакви книги, значително придонесуваме за зачувување и промовирање на ликот и делото на Григор Прличев. Ваквите настани се израз на длабока почит кон животот и делото на Прличев и даваат јасна порака до идните генерации за негување на традицијата и своите корени, истакна Градоначалникот Кирил Пецаков кој имаше свое обраќање во рамки на промоцијата.
Возвишено е чувството да се присуствува на чествувањата посветени на еден од најмаркантните македонски книжевници на сите времиња. Прличев е отворена тема и секогаш длабоко инспиративен за творечка креација. Јас верувам дека нема книжевник кој не посакал да ја одгатне суштината и да ја покаже вредноста на безвременската поема „Сердарот“ и останатите дела од неговиот богат книжевен опус. Времето покажало дека во редот на книжевните творци кои секоја година го дополнуваат мозаикот за Прличев се ценетите професори Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. По својата содржина, книгата „Охридски раскажувачи“ е алка помеѓу сегашноста и минатото, еден светол пример дека многу охридски раскажувачи тргнале по стапките на Прличев кој во секоја прилика и секаде говорел на охридски дијалект, кој совршено го познавал и владеел. За него многу поважно било да го зборува охридскиот дијалект кој видно се разликувал од бугарскиот јазик, рече Пецаков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.