ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена остро реагира на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, кој при посетата на компанијата „Меџикс“ најави дека до 2023 година, Владата предвидува „намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто”, под изговор дека тоа ќе биде „силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор“.

ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена укажа на „опасноста од општествена нерамноправност и нанесување неправда“, како и демотивација и незадоволство помеѓу различните, а не помалку важни сектори во општеството.

После изјавата на премиерот Ковачевски во која се вели дека приоритет на Владата е мотивација на ИТК секторот преку целосно ослободување од персонален данок до 2023 година, прашуваме врз кои основи овој сектор е поважен и егзистенцијално позагрозен, на пример, од културните работници. Особено, од културните работници кои се во независниот културен сектор, а кои се клучни чинители во создавањето на современите културни и уметнички практики, велат оттаму.

Сакаме да веруваме дека Владата на Република Македонија се грижи подеднакво за сите свои граѓани и за сите општествени страти. Сакаме да веруваме дека веќе сме на крајот од повеќедецениските лично-интересни, партикуларни читања на позициите на моќ, кои се артикулираат како заеднички интерес, а, всушност, тоа не се. Сакаме да веруваме дека политичките елити размислуваат длабоко стратешки за целосната општествена слика и дека татктички дејствуваат во духот на стимулирањето на заедничките добра, солидарноста, правдата и рамноправниот и рамномерен општествен развој.

Во тој контекст, би сакале да укажеме дека ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена, како платформа која се застапува за општествено втемелување на независниот културен сектор и на современите културни и уметнички практики како релевантни чинители и учесници во сите демократски процеси и како основа за економскиот развој, меѓународната промоција и соработка, како и за развој на културната дипломатија остро реагира на ваквата најава. Културните работници кои се вон институциите се во прекарна состојба, оставени сами на себе, без структурна грижа и поддршка. Секако, ние немаме „пазар” за да можеме да ја обезбедиме својата егзистенција. Но, и покрај тоа, имајќи на ум дека и покрај недостоинствените услови во кои работиме создаваме продукција која ја става државата на мапата на Европските признаени вредности во современата култура. Освен тоа, би сакале да упатиме дека токму од овој сектор, акцентирајќи ја неговата интердисциплинарност, произлегуваат повеќето од процесите што се темел за демократизација на општеството.

Токму затоа, повикуваме да се преиспита оваа одлука која важи изолирано само за еден сектор, и која ги става во подредена, неправедна и недостоинствена позиција останатите сектори во општеството, меѓу кои е и независниот културен сектор, се додава во реакцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.