Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп се отвори изложбата „Интервали“ од Татјана Винона Јонеска, која вторпат се претставува пред љубителите на уметноста во родниот Прилеп.

Преку динамичен спој на дела од хартија, слики, инсталација и видео, мојата изложба понудува подлабоко размислување за интервалите како спојници на просторот и времето. Со поетски став Интервали отвора прашања за разоткривањето на скриените врски, ритми, транзиторни моменти и простори што ја обликуваат нашата перцепција – вели уметницата Јонеска.

Татјана Винона Јонеска е уметник кој живее и работи во Лондон. Магистрирала на престижниот Кралски колеџ за уметност / Royal College of Art London, во одделот современа уметничка пракса – критичка практика. Пред тоа студирала на подеднакво престижниот колеџ за уметности во Chelsea College of Arts – Универзитетот за уметности во Лондон, каде што ја завршила својата диплома по ликовна уметност со почести од 1-вa класa.

Винона има мултидисциплинарна практика водена од екстензивно теоретско истражување и експериментирање, што формално се занимава со прашања околу перцепција, истражување за тоа како се среќаваме со просторот и како ја доживуваме темпоралноста. Учествувала на бројни групни изложби во Обединетото Кралство и на меѓународно ниво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.