Во Националниот музеј на фотографии „Маруби“ во северниот албански град Скадар, на 21 јули ќе биде отворена изложба на дела на познатите браќа Манаки од Битола -филмаџиите кои го „набљудувале“ Балканот, објави музејот на Фејсбук.
Оваа активност се реализира во соработка со Државниот архив на Македонија – Одделение во Битола.
Според музејот добрата соработка „ќе ја донесе изложбата на делата на браќата Јанаки Манаки (1878-1954) и Милтон Манаки (1880-1964), чија колекција, чувана во Историскиот архив на Битола, содржи 6702 стаклени негативи, 1071 филмски ролни, 7041 фотографски отпечатоци, 3867 документи и 49 камери и други материјали.
Кинотеката на Македонија чува голем број филмови што ги реализирале со „Камера 300“, по што се познати и како основоположници на кинематографијата во Македонија. Изложбата посветува посебно внимание на подвижните популации, етнографските приближувања и слични ритуали на народите на Балканот, кои ги наоѓаме рефлектирани во патувањата на браќата Манаки во регионот, наведува музејот.
Оваа активност е една од повеќето во рамки на манифестацијата „КултАрт 2023″, во организација на Министерството за култура на Албанија. Ќе биде отворена на 21 јули во 20 часот и ќе остане отворена до 5 ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.