Саша Станишиќ е режисер, продуцент и писател. Дипломирал Општа и компаративна книжевност и филмска и ТВ режија во Скопје. Доцент е на Интернационалната Академија Еуропа Прима. Како режисер се потпишува на повеќе кратки филмови – „Мангава диско панк” (дел од омнибусот „Скопје ремикс“), „PC Busan“ (снимен во Јужна Кореја како дел од режисерската резиденција во Бусан), „Кавал“.
Тој е менаџер на Катавеј – компанија која се занимава со продукција и дистрибуција на филмови. Со Катавеј ја започнува „Cinesquare“ – ВоД платформа фокусирана на европски филмови која ги покрива сите земји од регионот. Редовно присуствува на најголемите европски фестивали и е редовен гостин на форуми и настани поврзани со онлајн дистрибуција како и филмска режија. „Скиселени тикви” е негова прва збирка раскази.
Во пресрет на премиерата на неговиот филм „ПЦ Бусан“ во рамките на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ разговаравме со Саша за неговите инспирации, расказите, искуствата…

Вашиот краток филм „ПС Бусан“ (PC Busan) премиерно ќе биде прикажан на четвртото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“. За што говори филмот?

Насловот ПС Бусан (PC Busan) е игра на зборови, изведенa од ПС Банг(PS Bang), тоа е корејско име за интернет кафулиња. Имено, Јужна Кореја и покрај големата технолошка развиеност и достапност на интернетот, има неверојатно многу интернет кафулиња. Според некои статистики Бусан има повеќе такви интернет кафулиња од продавници. Тоа се места за социјализација. Во филмот освен реалниот Бусан, раздвижена азиска метропола го прикажувам и тој виртуелен Бусан на интернет кафулињата кои се место за ескапизам на неговите жители. Главниот лик Гу, е типичен жител на Бусан, канцелариски работник во голема компанија кој работи преку 60 саати неделно и е обременет со секојдневните обврски и проблеми. Тој, еднаш во неколку месеци има слободен ден и бега од реалноста преку играње на видео игри каде може да биде херој за еден ден.

„ПС Бусан“ е снимен во тек на Вешиот тринеделен престој во Бусан, снимен е на корејски јазик со целосно корејска екипа. Како течеше снимањето? Како дојде до таа соработка? Какви беа условите за снимање?

ПС Бусан е нискобуџетен филм со доста ограничувања, продукциски и временски. Во такво кратко време за неполни 3 недели, требаше да се напише сценариото и да се поминат сите фази на развој еден филм. Но, Корејците се организирани луѓе и филмската екипа беше составена од неверојатни филмски професионалци. И покрај тоа што во филмот имав многу локации и неполни два снимачки дена, се течеше беспрекорно, без големи компромиси и сите планирани кадри се снимија на време.
Филмскиот фестивал од Бусан, Inter-City Film Festival го организира градот Бусан како дел од соработката помеѓу креативните филмски градови на УНЕСКО (вкупно 18 на број). Бусан е град со филмска традиција кој поради добрите локации и клима е главна локација за снимање на повеќето корејски филмови. Тука се сите најбитни филмски институции на Јужна Кореја (кинотеката, филмскиот центар, најдобрите филмски академии) и затоа токму тука се сорганзираат вакви режисерски резиденции.
Битола исто така е град кој е дел од оваа мрежа на креативни филмски градови од УНЕСКО во друштво со градови како Рим, Сиднеј, Лоѓ, Кан, Сараево, Џингдао итн. Кога дознав за конкурсот за резиденцијата, како режисер кој има повеќе кратки филмови во Битола конкурирав и ме примија во конкуренција од режисери од другите 18 филмски градови. На режисерската резиденција бевме двајца странци, јас и еден режисер од Бразил.

Светската премиера на филмот се случи за време на третото издание на Интерсити фестивалот во Бусан. Како беше примен филмот по премиерното прикажување? Какви беа критиките?

Кога некој странец ќе дојде во далечна земја како јас во Јужна Кореја, со други очи ги гледа работите што за некој тамошен жител се вообичаени и секојдневни. Во таа смисла, сакав да направам филм кој преку еден балкански и јужноевропски суптилен хумор ќе го третира тешкото секојдневие на жителите на Бусан.
Филмот помина одлично. Имаше одлични реакции. Неколку локални филмски критичари напоменаа дека е филмот е освежување за нив, и дава поинакво видување на нивниот град и култура што не може се најде во типичните корејски филмови. Овие критики ми беа најголем комплимент за мене, бидејќи токму тоа и сакав да го направам,

Предавате на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Европа Прима“, често одржувате и работилници за режисери. Што ги советувате помладите колеги?

Филмот е пред се раскажување во слики, и филмскиот режисер е раскажувач. Но патот за да се стигне до завршена филмска приказна не е воопшто лесен. Филмот е скапа играчка и снимањето филмови за разлика од некои други уметнички форми како сликарството, книжевноста е колаборативен процес. Во него учествуваат продуценти, кинематографери, сценографи, монтажери, композитори, сценаристи, актери. Сите тие придонесуваат во создавањето на едно аудивизуелно дело. Улогата на режисерот во овој тим е како диригент на оркестар или тренер на спортски тим и за да се стигне до завршен филм, режисерот мора во исто време да биде политичар, техничар, раскажувач и уметник. Но најбитно а воедно и најтешко за секој е режисер е да знае што сака.

Автор сте на збирката раскази „Скиселени тикви“, која , како што вели Владимир Јанковски, успева на книжевната мапа на Скопје да ја постави Вашата населба Ге-Ге, која досега не побудила интерес кај ниеден автор. Пишувате ли уште раскази? Дали можеби ќе објавите уште некоја збирка? Или роман?

Пишувањето на раскази почна сосема спонтано. Кратките раскази се започнати како мали цртички за карактери за сценарија базирани врз ликовите кои редовно поминуваат под мојот балкон. Имено кога пропушив на мои 36 години (нешто за што не сум многу горд) ми стана навика да седам на балконот и да ги набљудувам луѓето кои што поминуваат. Тие ликови ми беа главна инспирација за расказите и најчесто се пишувани во еден здив. Испаднаа изненадувачки добро, своевидна хроника на моето маало и решив да ги објавам во збирка.
Се разбира дека продолжлив да пишувам, како што напоменав, филм е раскажување на приказни, и во многу нешта е компатибилна уметност и вештинa со пишување проза. Развивам уште една збирка на слични кратки раскази ама со малку поинаков концепт.
Размислувам и за роман, но тоа можеби во некоја малку подалечна иднина. Сепак во моментов приоритет ми е раскажување на филмски приказни.

Како режисер ги потпишувате кратките филмови „Митот за Сара“, „Мангава диско панк“, „Долу од рајот“, „ПС Бусан“, „Кавал“… сте режирале и ТВ серии, а сте биле и асистент на режија. Размислувате ли за долгометражен филм?

Игран филм е следна фаза од мојот развој како филмски режисер. Развивам сценарија за два играни филм а со едниот конкурирав во Агенцијата за филм.
Во исто време заедно со тим на сценаристи, развиваме играна серија. Се надевам дека во иднина ќе можам да кажам нешто подетално за тоа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.