Денес во Куманово ќе се одржат настаните на „Простор за разговор“, проект организиран од Интерарт културниот центар со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, кој ја опфаќа темата за родовата еднаквост и семејното насилство и низ уметнички активизам ја подигнува свеста за овој огромен проблем во општеството.

Во соработка со Хуманитарното здружение „Мајка“ и ОСТУ „Наце Буѓони“ во 13 часот, во просториите на училиштето ќе се одржи средба со млади средношколци. Во рамки на средбата ќе се прикаже филмот „Простор за разговор“, а со учесниците ќе разговараат Лидија Илиева, претседателка на Хуманитарното здружение „Мајка“ и Рисима Рисимкин, уметник и професор. Лидија Илиевска ќе зборува за родовата еднаквост и семејното насилство, а Рисимкин ќе се осврне на темата за уметничкиот активизам и како тој може да допринесе и да изврши притисок во општеството со цел да се изнаоѓаат соодветни решенија и да им се помогне на засегнатите.

Вечерта, во соработка со Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, во 20 часот, во фоајето на центарот ќе се одржи танцовиот перформанс на Скопје танцовиот театар во соработка со катедрата за танц при УГД, „Простор за разговор“, по кој ќе се проектира истоимениот филм. По завршувањето на проекцијата ќе се отвори дискусија на темата, на која учесници ќе се Лидија Илијевска – Претседателка на ХЗ Мајка, Габриела Бошков – психолог и психотерапевт, Ана Зафирова, новинарка и активистка и Огнен Јаневски, Амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан на Советот на Европа и ЕУ.

Хуманитарно здружение „Мајка“ (Х.З. „Мајка“) е самостојно, независно, невладино, непартиско и непрофитно здружение во кое членките ги остваруваат своите заеднички општествени, економски, социјални, хуманитарни, образовни и културни интереси и цели заради обезбедување на човековите права и слободи и создавање на еднакви можности за мажите и жените. Основано е во јуни 1992 година а со промените во Законот за здруженија и фондации е пререгистрирано во март 2011 година. Нивната главна цели се: Промовирање на принципот на родова еднаквост и не-дискриминацијата; Помош, подршка и заштита на жртвите на семејно насилство; Економски и социјален развој на жената; Поддршка на локален женскиот активизам и соработка со други релевантни национални и локални организации и институции.

Партнери на националната турнеја на проектот „Простор за разговор„ се универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и „Националната мрежа против семејно насилство“, како и локалните партнери и соработници од градовите во кои се случува турнејата и кои се занимаваат со темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.