Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска престојуваше во Париз, Франција, каде што во седиштето на УНЕСКО се одржа културна програма по повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.

– Убедена сум дека oвие мигови посветени на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов, ќе останат длабоко врежани во нашата меморија. Одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање токму во УНЕСКО и тoкму на Светскиот ден на поезијата има симболично значење затоа што тој е познат како голем хуманист и космополит, и како писател кој сиот свој талент ѝ го посвети исклучиво на поезијата – рече во своето обраќање министерката Костадиновска-Стојчевска.

Според Костадиновска-Стојчевска, поезијата на Шопов има универзален карактер, и како таква допира до широката светска публика и со тоа ги афирмира во светот не само убавините на македонскиот јазик и книжевност, туку и на македонската култура воопшто.

Таа посочи дека во време кога нашироко се дебатира дали и зошто поезијата се наоѓа во најтивката фаза во својата историја, дали има влијание врз општествените процеси и која е, всушност, улогата на поетскиот збор во денешниот свет, Ацо Шопов јасно и недвосмислено ни разјаснува многу дилеми.

„Зборот е единствениот клуч со кој можат да се отворат проблемите на човековата егзистенција и сите други витални проблеми на денешнината“, напиша Шопов уште одамна. Токму поезијата е суштината на животот, таа ја брани идејата на човековата надеж и вечноста на цивилизациската меморија – рече министерката за култура.

Препознавајќи го значењето на Ацо Шопов, УНЕСКО ја запиша стогодишнината од неговото раѓање во календарот на значајни јубилеи што ги поддржува Организацијата во 2022 и 2023 година. Ова е уште една потврда, додаде министерката за култура, дека нема ништо повозвишено и позначајно од споделувањето на културните вредности, особено кога сите заедно се залагаме и работиме на афирмација на европските вредности.

Нам ни припаѓа честа што УНЕСКО, заедно со нас, ги слави творештвото и поезијата на Ацо Шопов, која не само што претставува трајна вредност туку влегува и во дамарите на светската поетска културна ризница, оти неговото творештво остава неизбришлив запис за еден исклучителен поетски израз кој со својата моќ зрачи и го напојува бесконечниот простор на поезијата – рече таа.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека овој значаен културен настан е само дел од богатата програма што се одвива во рамките на националната иницијатива „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“ под покровителство на претседателот на Република Македонија, г. Стево Пендаровски. По тој повод, информираше таа, во текот на целата година ќе бидат организирани многубројни настани преку кои ќе се негува споменот на еден од најголемите поети во македонската култура на дваесеттиот век.

Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до УНЕСКО и до генералната директорка на оваа еминентна организација, госпоѓа Одре Азуле, за организацијата на овој многу значаен културен настан за нас, подвлекувајќи дека УНЕСКО е наш партнер, наш заеднички дом на културата, со отворени врати за народите од целиот свет.

Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, беа објавени и имињата на лауреатите на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата“ и на наградата „Мостови на Струга“.

Инаку, славејќи ги творештвото и поезијата на Ацо Шопов, на настанот во Париз се одржа меѓународниот симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамките на програмата се одржa и проекција на анимираниот филм „Грозомор“, работен според истоимената песна на Ацо Шопов инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а беше отворена и изложбата „Патот по кој чекорам“ посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.