Збирката „Килибар и младост“ , синоќа во Културно-информативниот центар Скопје, со инспиративните беседи, ја промовираа истакнатите автори Бранко Цветковски и Гоце Смилевски, а стихови рецитираа актерите Софија Насевска Трифуновска и Борче Начев.
За Гоце Смилевски, истакнат писател и автор на поговорот во „Килибар и младост“, најновата стихозбирка на Гордана Михаилова Бошнакоска, претставува значајно поетско остварување во творечкиот архипелаг на авторката, создавајќи диптих со нејзиното претходно дело, „Мед и младост“.
И во двете збирки стиховите се родени низ контемплацијата за страста и љубовта, плотното и духовното, доаѓањата и заминувањата и враќањата, животот, смртта и вечноста, низ односот на две човечки суштества. Додека во „Мед и младост“ овие големи теми на поезијата се одигруваат помеѓу поетеса и артист, во „Килибар и младост“ Таа и Тој се поетеса и поет, а нивниот однос ги поврзува и трансфигурира сонот и јавето, северот и југот, минливоста и вечноста, кои допрени од нивната егзистенција и љубов, и со тие преобразби таа љубов и нејзините дејства добиваат алхемиска димензија.
„Во килибар и младост“ нашата поетеса нѝ се обраќа од килибарниот светлосен свет на нејзината меморија и преку илузијата на сонот, нѝ поставува на пребогатата лирска трпеза изобилство нестивнати емоции, прележани мудрости поминати низ најситното сито на личното векување и се збиднува функционален ментален смолест спој – нема дистанца меѓу појавното и сонуваното, растојанието е совладано, лирскиот тон се опредметува и преминува во нашите прсти со диктирачката имагинација – а ние, читајќи, само го продолжуваме траењето на илузијата.
Гордана Михаилова Бошнакоска ни сугерира дека нејзиното поетско битие заправо се храни и опстојува само од длабинските клокоти на рој врток што го нарекуваме чувствување на изгубеното време. И наместо да ни говори за изгубеното време, таа на најзаводлив начин, ни го подарува поетското чувствување – врело, моќно, излеано во килибарна топлина и студ истовремено, рече Бранко Цветковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.