Италијански археолози открија 24 одлично сочувани бронзени статуи во тоскана, за кои се верува дека датираат од времето на античкиот Рим. Статуите биле откриени меѓу остатоците на античка римска бања во Сан Касиано деи Бањи во провинцијата Сиена, на околу 160 километри северно од италијанската престолнина Рим.
Меѓу нив има статуи на Хигеа, Аполо и други грчко римски богови, а археолозите сметаат дека се стари околу 2.300 години со потенцијал да го променат сфаќањето на науката за тој период од антиката.
Повеќето од статуите биле пронајдени потопени во водата под античката бања, заедно со околу 6.000 бронзени, сребрени и златни монети, а датираат од вториот и првиот век од новата ера. Токму тој период историјата го смета за многу значаен за регионот на Тоскана, нарекувајќи го „големата трансформација на Тоскана“ поради транзицијата од етрурска култура кон римска, откако антички Рим ја наметнал својата превласт над регионот на патот кон евентуалното целосно освојување на Апенинскиот полуостров.
Генералниот директор на италијанските државни музеи, Масимо Осана, пронаоѓањето на бронзените статуи го нарече едно од најзначајните археолошки откритија во Медитеранот.
Статуите ќе бидат реставрирани во лабораторија во Гросето, пред да бидат исложени во новиот музеј, чија изградба ја најави италијанското Министерство за култура, посветен токму на ова откритие.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.