Додека Бујар Османи секојдневно и ревносно обиколуваше повеќе институции за преглед на таблите за двојазични ознаки, денес раководните кадри токму од партијата на Османи или помалите албанските партии, исто така не ја пропуштаат можноста за масовна двојазична промена на таблите по институциите и објектите – од лични имиња и презимиња, па сè до описи и патокази на културните добра, се вели во реакцијата на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
„Конзерваторските центри во Република Македонија подолг временски период станаа целосно нефункционални институции од дејноста за заштита на културното наследство, крајно оневозможени да ја реализираат својата основна задача и функција. Но и покрај тоа, неспособните раководни кадри од власта поитаа да ја истакнат формата пред суштината. Следствено, во регионите со повеќе бројно албанско население, таблите со натписите не се ниту двојазични.
Додека македонскиот јазик полека исчезнува, маргинализиран до целосно непрепознавање, неспособноста на оваа Влада ја доживува својата кулминација со целосната негрижа кон културното профано и сакрално добро, кое од година во година бележи нов поразителен статус на доуништување.
Дивеејќи во своите замисли, без никакво проследување на заштитните законски обврски – некогаш зададени од стручните установи или со упатства за користење на спомениците на културата обележани со метални табли, во период кога се поставуваа постулатите во заштитата на споменичкото наследство – денес конзерваторските центри се оставени не само на маргините од културата, туку цврсто лежат на самото културно дно.
Ненаоѓајќи го спасот во својата држава, центрите за конзервација се принудени да ја прифатат странската помош не како опција, туку како давеник за сламка, барајќи покритие за својата некадарност, која лесно се согледува преку странски „стручњаци“ кои деновиве работат во Курбиново без стручна контрола од домашните институции. Зарем по сè што ни се случува, воопшто не сме свесни дека странските заинтересирани страни, кои се „врткаат“ околу спомениците на културата на наше тло, сè уште гледаат на нив како на сопствена оставнина од минатото на овие простори.
Од работата на регионалните, локални конзерваторски центри, кои, исто така, треба да спроведуваат барем елементарна евиденција и превенција во заштитата, останаа само гласно најавени проекти за обично реновирање на црковна кујна (на пример таа во Трескавец), заборавајќи на главната причина за постоење на тој објект – црквата, заради која целиот тој предел го носи епитетот заштитено добро.
И како впрочем да се објасни ваквата состојба ако не се тргне од самото неспособно раководство поставено од Владата, каде што од прва рака се кршат правилниците за работа во вакви специфични стручни установи, во кои се именуваат директори со ниту еден работен ден во културата, а поимот „конзервација“ им е мисловна именка!
Тоа ли е таа наша убава земја?! Земја во која сѐ уште нема целосна ре/валоризација, ниту евиденција на спомениците изградени од пред 100 години. Да ги споменеме тука и поновите, оние индустриските (особено актуелни во светот), кои исчезнуваат пред нашите очи секој ден!
А сè започна со една банална сентенца… „годинава… само годинава нема пари за“… терен, обиколка, увид, заштита на културните добра на терен“, се вели во известувањето на Комисијатаза култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.