Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук  открива за судир на интереси во Агенцијата за филм.

„Бранко Петровски, доскорешниот финансиски советник на разрешениот директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, е назначен за член на новиот Управен одбор на оваа културна институција. И сѐ би било во ред, а оваа претходна реченица би изгледала како обична секојдневна информација и констатација доколку се занемари фактот дека самата министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, има потпишано документ во кој потврдува дека Бранко Петровски работел како финансиски советник во состојба на судир на интереси во времето на разрешениот директор.

Антикорупциска комисија бараше Лазаревски да биде разрешен и против него да се покрене кривична постапка. Тие го разгледуваа и случајот на Петровски, а Транспаренси интернешнл јасно констатираше судир на интереси токму во времето додека директор на Агенцијата за филм беше Лазаревски, а Петровски е негов финансиски советник.

За потсетување, во 2023 година, државата потроши 3,5 милиони евра на филм, но снимен филм не видовме. Сега, новиот Управен одбор во кој членува Петровски, поранешниот финансиски советник во чие време се потрошени тие милиони, треба да ги засука ракавите и да го расчисти криминалот за кој сведочат негативниот извештај на Државниот завод за ревизија и негативниот извештај на самото Министерство за култура. И што да се каже на ова?! Да не е апсурдно, би било навистина смешно.

Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека Законот за филмска дејност јасно вели дека еден од членовите на Управниот одбор треба да се избере на предлог на здруженијата на филмски работници. Но Владата одлучува да бара предлог само од Друштвото на филмски работници на Македонија, свесно игнорирајќи го фактот дека постојат и други здруженија на филмски работници. И, погодете што се случува сега?! ДФРМ го предлага претседателот на својот Надзорен одбор Бранко Петровски за член на Управниот одбор на Агенцијата за филм и владата го избира токму него, Бранко Петровски. Значи, од сега па натаму, со Бранко Петровски како член, Управниот одбор на Агенцијата за филм во сите одлуки што ќе ги донесе при избор на филмски проекти ќе биде во постојан судир на интереси.

Треба да се признае дека сегашнава власт е очигледен, школски, пример како се кријат и замолчуваат реакциите после секоја афера. Експертите на власта, совршено знаат дека секоја афера успешно се затскрива со уште една нова, посвежа афера. Едноставен рецепт, нели?“, стои во нивниот пост на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.