Креативните луѓе носат промани и затоа мора да се вложува во нив, беше кажано на меѓународниот форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“ кој се одржува во Скопје.
Kреативноста, иновативноста и оригиналноста се „тројство“ што културата ја издигнува на пиедесталот во новата, наречена и „портокалова економија“ − рече Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерката за култура, која истакна дека креативноста прераснува во голем двигател кој ѝ дава насока на сегашната турбулентна и непредвидлива економија на која и се неопходни промени.
Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Министерството за култура, институционално го поддржува развојот на креативните индустрии, а културата, чии потенцијали се огромни и универзални, сакаме да биде двигател на новите процеси и фактор за одржлив развој.
Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии, што е влог во интелектуалниот потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија.
Меѓудругото, Костадиновска-Стојчевска потсети дека креативните и културните индустрии се опфатени и во Националната стратегија за развој на културата, како и со новиот предлог Закон за култура, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, се редефинираат дејностите во културата заради пошироко сфаќање на културата, а со тоа и воведување на нови културни дејности од областа на креативните индустрии.
На меѓународниот форум, министерката за култура нагласи дека реализацијата на овој настан е еден од приоритетите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а развојот на културните и креативните индустрии стана приоритет и на Европската Унија која своите стратешки политики сè повеќе ги насочува во полза на културното и креативното претприемништво.
Меѓународниот форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“, кој се реализира заедно со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии- УМПАКИ, е трето продолжение на форумите од изминатите две години кои се фокусираа на културното и креативното претприемништво како и на женското претприемништво во креативните индустрии и влијанието врз економијата. На форумот учествуваат домашни и странски учесници ( особено од земјите од Југоисточна Европа), професионалци и организации, креатори на политики и владини претставници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.