Со прекрасната изведба на Вердиевиот „Трубадур“, во Македонската опера и балет започнаа традиционалните 52 по ред, Мајски оперски вечери, а завршија со Вердиевата „Аида“ во која настапи и Моника Медек од Австрија во насловната улога, а како дел од екипата имаше учесници и од Кина, Италија и Бугарија.

Диригент беше Нимрод Давид Фефер, пренесе и адаптираше Дејан Прошев, кореограф Луиза Балдинети (Италија), концерт–мајстор Верица Ламбевска, хор–мајстор Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска. Настапија Ли Шуанг (Кина), Гергана Русекова (Бугарија), Игор Дурловски, Диман Панчев (Бугарија), Џузпе Алтомаре (Италија), Надежда Рубен, Никола Стојчески, балетски солист Ивана Коцевска. Настапија и хорот,оркестарот и машкиот балетски ансамбл на Македонската опера и балет.

Операта „Аида“ е напишана по нарачка на театарот во Каиро по повод отворањето на Суецкиот Канал и станала еднa од врвните творби на композиторовиот гениј. Дури во ова „егзотично“ либрето Верди ги наоѓа конечно „своите“ теми, чувства и страсти: предодредениот трагизам, безизлезноста на ситуациите, љубовта која ја победува смртта. Музичкото богатство на „Аида“ е постигнато со заемното дејствување на неколку музички планови и нивниот совршен сооднос: експресивно-психолошката линија на главните херои, мрачниот и непоколеблив свет на свештениците, раскошните триумфални масовни сцени, егзотичниот свет на Истокот чијшто колорит органски се вградува во драматургијата и музичкиот јазик на операта. Чајковски еднаш напишал: „Генијалноста на старецот Верди во „Аида“ и „Отело“отвора нови патишта за италијанските музичари“.

Во рамките на програмата на 52. Мајски оперски вечери беа изведени и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија, гостуваше Софиската опера и балет со операта „Валкира“ на Вагнер. Ова беше и премиерна изведба на ова дело на македонската сцена.

Куриозитет е тоа што ова беше прво Вагнерово дело што воопшто е изведено во НОБ, а траеше пет часа. Беше изведена и операта „Тоска“ каде што во насловната улога се појави оперската дива Весна Ѓиновска-Илкова, во изведба на домашна екипа и со гости од Србија и Романија, камерната опера „Свадба“, со која гостуваше Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.