Писателот Венко Андоновски ја доби највисоката награда за драматургија „Златен витез“ на тринаесеттиот меѓународен книжевен форум, кој од 2010-та се одржува во октомври во Русија. Награди на форумот се доделуваат за повеќе уметнички области, а годинава пристигнале 428 дела од 12 земји.
Писателот Андоновски ќе каже – со уметноста и со молитвата се победува злото.
Без руската книжевност светската книжевност не постои, како што и без руската култура не може да се испише ниедна историја на културите на човештвото, ќе каже писателот Венко Андоновски кој ја доби највисоката награда за драматургија „Златен витез“ на меѓународниот книжевен форум во Русија, кој веќе 12 години се одржува во октомври, по повод годишнината од раѓањето на славниот руски поет Михаил Ј. Лермонтов. Андоновски за Алфа рече дека нема поголема среќа за еден писател кој доаѓа од мала, но архаична култура со ризничарски вредности како што е македонската, да биде удостоен со признание од најголемата православна култура во светот – руската.
И, се разбира, една од најголемите световни книжевности и култури што воопшто некогаш се јавиле по лицето од Земјата; без руската книжевност светската книжевност не постои, како што и без руската култура не може да се испише ниедна историја на културите на човештвото. Живееме во свет во кој сите човекови вредности се или уништени, или свртени на глава. Ненормалното се прогласува за нормално, болното за здраво, потпросечното за генијално, џелатот за жртва. Ние, како писатели и уметници сме должни низ нашите дела да се молиме за зацелување и оздравување на тој болен свет. Впрочем, нашите дела, нашите песни, романи и драми не се разликуваат многу од молитвите. И во уметноста и во молитвата многу зборови се малку, а малку зборови се доволно. Другото е светска тага, светско сочувство за сите понижени и навредени, за оние на маргините. И со уметноста и со молитвата создаваме златен штит на мудроста и човекољубието спротивставувајќи му се на злото, истакна Андоновски.
Рецензентот на изданието, рускиот писател Евгениј Водолазкин, пишува дека „нашата заедничка словенска култура се претставува тука во сосема друг свој извод“ и дека „Балканот е необично место каде заемното проникнување на народите и културите, на митологијата и современата свест достигнуваат највисок степен“.
Сето тоа Венко Андоновски го опишува, користејќи ги зборовите на Бродски, со „кириличен знак”. Опишува со големо мајсторство и, што по мое мислење е многу важно, со блескав хумор, пишува Водолазкин.
На Андоновски наградата „Златен витез“ му е доделена за книгата „Три пиеси за театарот“, која излезе лани во Москва, преведена од Олга Панкина, позната афирматорка на македонската литература на руски јазик.
Книгата на Андоновски, која на руски ја објави издавачка куќа од Русија, ги содржи пиесите „Словенски ковчег”, „Олово на перницата” и „Граница”. Награди на Форумот се доделуваат за повеќе уметнички области, а годинава пристигнале 428 дела од 12 земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.