Фестивалската програма на јубилејното, 20. издание на „Танц фест“ Скопје продолжува вечерва во 20 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ), со настап на гостите од Австрија, Каи Чунг Чуанг и Марија Шуркал од „Вертикалити танцова компанија“, предводена од Роуз Брус, чие гостување е поддржано од австриската амбасада во Скопје.
Воедно, публиката ќе може да ги проследи кореографиите „Гризење“ на Тереза Лазарев, танчерка и кореографка и „Језгро“ на кореографките и танчерки Бисера Димчева и Наталија Трифуновиќ.
Вчера вечер, во салонот на НОБ, се изведе претставата „Сага“ на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, во рамки на јубилејното, 20-то издание на Танц Фест Скопје, претстава која публиката ја поздрави со одушевување.
Комплетниот балетски ансамбл, предводен од примабалерините Марија Кичевска и Мими Попалексова-Атансова, како и истакнатата солистка Саша Ефтимова, во еден здив ја доловија поезијата на великанот Блаже Конески, проткаена со извонредни емоции, кои предезвикаа бура од аплаузи.
Исклучителна атмосфера, несекојдневна, флуидност која плени, низ која можеше да се насети историјата, преплетена со современоста, како сведоштво на стоицизмот и непокорноста. Прекрасните костими на Благој Мицевски и сценографијата на Матеа Мијановиќ, во потполност ја одсликаа идејата на кореографката Рисимкин и создадоа магија која се чувствуваше во воздухот со секој дамар на звукот, на секогаш посебниот композитор Китановски.
Програмата „Паралели“ во НОБ ќе заврши на 23 април со изведба на балетскиот триптих „Молитви за моето тело“ со кореографиите на Ивана Коцева, Адријана Данчевска и Саша Ефтимова.
Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ. Медиумски покровители се МРТВ, Радијата Антена5, Бубамара, Метрополис, Сити радио, Урбан ФМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.