„Најсреќниот човек на светот“, филм на Теона Стругар Митевска вечерва во скопското кино „Милениум“ (20 часот) ќе ја има својата македонска премиера, а од петок продолжува на редовен репертоар во наредните две недели со проекции од 20:00 и 22:00 часот. Македонија е првата земја во светот каде филмот започнува со редовно киноприкажување.

Во текот на nоември филмот низ светот ќе се прикаже на шест фестивали низ целиот свет и започнува со подготовки за редовна дистрибуција во низа европски земји. Ноемвриската турнеја ја предводи ексклузивна проекција на филмскиот фестивал во Солун, каде режисерот Теона С. Митевска ќе биде и дел од интернационалното жири. „Најсреќниот човек на светот“ веќе има дистрибутер за кино прикажување на територијата на Грција и во 2023 ќе започне да игра во редовниот кино репертоар.

Од Солун, “Најсреќниот човек на светот“ продолжува во Филмскиот фестивал во Љубљана, Словенија од 9 до 20 ноември каде филмот ќе биде пропратен со панел предводен од режисерката Теона С. Митевска посветен на пост-југословенската кинематографија. “Најсреќниот човек на светот“ ќе патува и во Франција на Интернационалниот филмски фестивал во Арас кој започнува на 7.ноември и каде ќе биде прикажан во главната конкуренција. Дистрибуцијата во Франција е закажана за 22.февруари 2023. Во месец ноември филмот ќе биде прикажан и на Авторскиот филмскиот фестивал во Србија, како филм кој ќе го затвори фестивалот, а Теона ќе го предводи интернационалното жири, по што веднаш следува Филмскиот фестивал во Атина и Интернационалниот филмски фестивал во Керала, Индија.

„Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ.

Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.