Утревечер, четврток, со почеток во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Полска школа на колаж“ со дела од светски познатите уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер.

 

Полскиот уметнички тандем Алтхамер и Жмијевски, изминативе две недели беа ексклузивни гости на Музејот на современата уметност – Скопје, каде во една од салите на музејот создаваа нови дела.

 

Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.

 

Возбудливо беше да се посведочи на нивниот колаборативен процес на работа, насловен како „Отворено студио“ во чии рамки уметниците ги создадоа делата кои ќе бидат изложени на претстојната изложба во четврток.

 

Станува збор за 30-тина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони…

 

Изложбата ќе биде отворена до 25 август 2022 година.

 

Голем куриозитет е што дел од делата ќе ги подарат на Музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција. Со овој гест се реактуелизира донацијата на дела од светски познати автори. Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош, туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк, ги повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје и да се удрат темелите на новата зграда. На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници).

Со оглед на тоа што досегашните донации се од периодот 1964-1990 година, Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела.

 

Минатата година Жмијевски за првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ – Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во музејот.

 

Уште еден ексклузивитет е што ова ќе биде првото претставување на Павел Алтхамер во Скопје.

 

Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани. Тој го снима нивното секојдневие, покажувајќи како физичките и психичките ограничувања ги осудуваат овие луѓе да бидат маргинализирани во општеството. Преку експерименти со учество на избрани групи, тој се обидува да разбере тешки искуства и табу теми. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен…

Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава. Работи во различни медиуми како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео, настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници. Преку акции во кои вклучува цели заедници, тој сака да создава општествени заедници, соочувајќи се со луѓето преку уметноста. Тој го доведува во прашање значењето на монументалните споменици според обемот на неговите дела и случајноста на неговите материјали. Неговите дела повикуваат и на социјалната скулптура на Бојс и на наследството на „Отворената форма на Оскар Хансен. Тој може да се опише и како уметник со афинитет за „релациска естетика“. Учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои Документа 10 (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското Биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017). Добитник е и на бројни награди, како што е биеналната Награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.

 

Проектот e дел од Интердисциплинарната програма на МСУ и се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и ЕВН Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.